Дејвид Хаселхоф ја пее „Looking for Freedom" во Берлин, на 31 декември 1989 година

Во 1989 година, писателите и рок-групите го игнорираа статус-квото и го мотивираа народот. Потребно ни е враќање на таквиот дух

Автор: Андре Вилкенс

Гардијан

Во 1989 година бев студент во Источен Берлин кога Михаил Горбачов беше во посета на Источна Германија и ги предупреди лидерите дека ако не направат промени, ќе бидат прегазени од историјата. Театрите и црквите веднаш прераснаа во платформи за вистинската демократија. Рок-групите изведуваа химни на промените и повеќе не внимаваа на цензурата. Половина милион луѓе излегоа на плоштадот Александерплац во Берлин за да покажат неверојатна храброст и оптимизам. Истовремено чувствував надеж и немир. Тогаш падна Ѕидот што беше клучен момент во мојот живот. Тогаш сфатив дека ништо не е невозможно и дека надежта победи, а Европа беше обединета во мир.

Во текот на наредните три децении станав типичен европски граѓанин со британско-германско семејство што живее во шест различни европски држави и сè беше добро. Од денешна гледна точка ако се навратам во минатото, моите чувства на надеж и немир се неверојатно слични. Нов вид на поларизација се заканува по успесите од европската соработка. Неприфатливи нивоа на нееднаквост ја нарушија структурата на нашите општества, разликите во сфаќањата и во довербата ги поделија граѓаните и оние кои тие ги сметаат за елити.

Кратко по возбудувањата од револуцијата во 1989 година се појави арогантното чувство за крајот на историјата. Што друго ни требаше покрај штимањето на одличните двојни мотори на капитализмот и демократијата? Распадот на Советскиот Сојуз се случи во екот на неолибералниот капитализам што воведе агресивна приватизација, враќање на државните регулативи и акционерската вредност. Ваквиот неолиберален лек беше препишан за поранешните комунистички држави во форма на економска шок-терапија која даде мешани резултати, но секогаш беше придружена со екстремно ниво на нееднаквост.

Претпоставувам за повеќето луѓе од Источна Европа, како и јас, еден период добро одеше имитирањето на западниот начин на живот. Но имитирањето на револуцијата не е вистинска револуција. Финансиската криза од 2018 година, што е почеток за повоениот капитализам, требаше да биде предупредување дека на капитализмот му треба повеќе од едно обично дотерување. Наместо само да се имитира преголемата потрошувачка и далечното владеење на Западна Европа, новообединетиот континент требаше да скокне во ера на поодржлива економија и оживеана граѓанска демократија. Од историска гледна точка, континентот ја пропушти шансата за подобра и заедничка Европа.

Уметниците и културните работници одиграа клучна улога во 1989 година. Тие покажаа непослушност, дадоа отпор и понудија надеж, сила и го мотивираа народот кој се откажа од статус-квото. Револуцијата од 1989 година воедно беше културна и политичка. Исто така зачудувачко беше како јавниот простор, централното подрачје на градовите, пазарите, театрите, стадионите, железничките станици беа окупирани од силите на надежта. Насекаде никнуваа графити и летоци. Хуморот и сатирата беа искористени во полн ефект.

Денес нашата јавност и јавните простори се намалуваат, стануваат поограничени, повеќе сегрегирани и покомерцијални, обично прекриени со реклами. Кога владите стануваат автократски, јавниот простор е поизложен на злоупотреба и манипулација.

Што се случи тогаш со уметниците во изминативе 30 години? Дали тие се изборија со притисокот или потонаа во сопственото удопство? Дали сите потонавме во нашето удопство?

Верувам дека уметниците и културните работници можат и мораат да бидат двигатели на промената. Тие можат да замислат подобра Европа не само како дел од статистичките бројки. Тие можат да ја спасат Европа од носталгијата кон национализмот од 20-тиот век, бидејќи најголемите предизвици на нашето време се светски, како климатските промени.

Европската јавна сфера сè уште е слаба. Но онаму каде што таа постои, уметноста и културата се предводници. Да не ги заборавиме разните европски оркестри, фестивали, изложби, поп-културата и архитектурата, Евровизија и Лигата на шампионите. Но во време кога американските и кинеските дигитални платформи доминираат во европскиот јавен простор, европските влади и институции исто така треба да инвестираат во дигитална структура што се базира на демократските вредности и европските стандарди за приватност. А, уметниците можат да ја демистифицираат и очовечат дигиталната технологија.

Исто така треба да инвестираме во европските искуства како што се студиите, спортовите, работењето, готвењето, отворањето на старт-апи и меѓусебно да си помагаме во кризни времиња. Споделените искуства создаваат чувство на припадност, односно европското чувство за цел различно од големите европски декларации. Европската програма „Еразмус“ е најголемата светска програма за студентска размена, но треба да се смета како пилот за поголема инвестиција која нема да опфаќа само студенти и млади луѓе. Потребен ни е „Еразмус“ за сите.

Немирните времиња се и времиња на можности. Тие создаваат итност и потреба за идеи. Ако ги научиме лекциите од 1989 година, тогаш овие немирни времиња може да ги претвориме повторно во надеж.

Превод: Билјана Здравковска