Пожарите што беснеат веќе неколку дена во Калифорнија се прогласени за најсмртоносната огнена стихија во историјата на оваа сојузна американска држава. Билансот на жртви достигна најмалку 42 загинати лица, а противпожарните екипи се немоќни пред налетот на големите шумски пожари. Властите стравуваат дека конечниот број на загинати ќе биде поголем, бидејќи над 200 лица сѐ уште се водат за исчезнати.

Шерифот на округот Бјут, Кони Хонеа, изјави дека не се знае точниот бројот на исчезнати. Според Хонеа, бројот на жртви најверојатно ќе биде поголем.

– Сакам побргу да најдеме што е можно повеќе тела, затоа што знам колку страдаат нивните блиски – истакна Хонеа.

Пожарите почнаа во четвртокот минатата недела, а за јачината на огнената стихија говори и фактот дека противпожарните екипи беа немоќни да го спречат уништувањето на градот Парадајз. Досега се уништени над 6.700 куќи, а евакуирани се над 250.000 жители.