Кајл Ритенхаус/Фото: Принтскрин - јутуб

Случајот на Кајл Ритенхаус ја соочи Америка со тешки прашања

Кога е дозволено да користите оружје за да се браните? Поротата во малиот град Кеноша, во американската сојузна држава Висконсин, се одлучи за одговор на ова прашање, кога вчера ја изнесе пресудата на судењето на Кајл Ритенхаус, по одлучувањето кое траеше три и пол дена. Тие го ослободија Ритенхаус кој усмрти две лица и рани трето, за време на протестите во рамки на движењето „Црните животи значат“ минатиот август, по сите точки од обвинението, пишува „Економист“, осврнувајќи се на судскиот случај кој е во центарот на вниманието на американската јавност.

Осумнаесетгодишникот кој стана симбол на американската десница ќе биде слободен, наспроти тоа што беше наречен и „терорист“ во американската јавност, а дури и американскиот претседател Џо Бајден имплицираше дека тој е поборник на движењето за бела надмоќ.

Ритенхаус имаше 17 години кога пристигна во Кеноша како доброволец во одбраната на локалните бизниси, во текот на немирите по убиството на Афроамериканецот Џејкоб Блејк од страна на полицијата. Тинејџерот со себе носел полуавтоматска пушка АР-15 за која му платил на пријател да ја купи за него. Нешто пред полноќ во текот на кобната вечер, Ритенхаус се одделил од неговата група и се нашол во бегство од еден учесник во протестите, 36-годишниот Џозеф Росенбаум, кого потоа го застрелал четири пати. Ритенхаус, потоа застрелал уште две лица кои го бркале, од кои едното преживеало. Ранетиот демонстрант исто така бил вооружен.

Во конкретниот случај се актуелизира прашањето за поседување на оружје во САД, додека поротата одлучуваше кога е „разумно“ да се користи оружјето, за што мислењата на Американците се поделени. На тој начин, со високопрофилните судења се прави обид за решавање на спорните општествени прашања со кои политичкиот систем не успеал да се справи, како што посочува универзитетскиот професор Самјуел Буел за „Економист“.

Случајот беше заснован врз состојбата и постапките на Ритенхаус во моментот на пукањето. Обвинителството сметаше дека Ритенхаус отишол во Кеноша да биде одметник, кој со пукање излегол од ситуацијата што не била животнозагрозувачка. А одбраната тврдеше дека тој е добронамерно младо момче кое имало намера да помогне, кога било фатено во тесно од криминалните демонстранти, кои всушност и го принудиле да пука.

Адвокатите на обвинетиот посочија оти биле сигурни дека неговото емотивно сведочење ќе биде клучно за одлуката на поротата, по извршените истражувања по ова прашање. Ритенхаус низ солзи сведочеше за неговото видување на настаните во текот на судењето, за што многумина сметаат дека беше пресудно за ослободителната пресуда.

– Имавме две различни пробни пороти. Една за неговото сведочење и една без него. Тој помина многу подобро со пробната порота пред која сведочеше – истакна адвокатот на одбраната Марк Ричардс во изјава за „Блумберг“.

Токму ваквата практика покажува дека судењата веројатно не се соодветни за решавање на прашањата кои бараат поопширни одговори во однос на одлуката на дванаесетмина поротници, заклучува британскиот магазин.