По брегзит, Европската комисија размислува англискиот јазик повеќе да не биде официјален јазик на Европската Унија. На негово место, според комисијата, би можело да бидат францускиот или германскиот јазик, кои би биле официјални при комуникацијата низ блокот

Англискиот, втор јазик во светот и главен работен јазик во институциите на Европската Унија, наскоро би можел да го загуби статусот на официјален јазик на ЕУ, откако Обединетото Кралство на почетокот од годинава и официјално го напушти блокот. Ова, меѓу другото, го наведува во своја анализа европското издание на магазинот „Политико“, кој посочува дека Европската комисија во последниот период настојува да го прочисти англискиот јазик од типичните британски идиоматски изрази во официјалната употреба во институциите низ ЕУ, каде што во исто време некои земји-членки веќе ги туркаат иницијативите францускиот или германскиот јазик да го заменат англискиот во официјалната комуникација низ блокот.
– Време е лицата што живеат во континентална Европа и на кои англискиот јазик им е втор јазик да ја одредат неговата иднина во ЕУ – вели Марко Модијано, професор по англиски јазик на Универзитетот во Јевле, Шведска. Според него, теоретски не треба да постои доминантен јазик во ЕУ, без разлика дали станува збор за варијанта на англискиот или на некој друг јазик.
Во меѓувреме, доминацијата на англискиот јазик во Брисел е на голема жалост на Французите, кои постојано се жалат дека англосаксонскиот јазик им го зел приматот. Минатиот месец, европскиот министер на Франција, Клемент Бон, порача дека Европејците треба да престанат да зборуваат на „лош англиски“ по брегзит и наместо тоа да се борат за „лингвистичкиот диверзитет“, за кој многумина претпоставија дека ќе се истакнува по францускиот акцент. Но многу лингвисти велат дека францускиот нема да се врати како доминантен јазик во ЕУ, а повеќејазичноста не е практичен начин за комуникација низ континентот.

– Станува збор за прашање на демократијата, затоа што европскиот граѓанин сака, може и го зборува англискиот јазик. Ако ЕУ, која има капацитет, наметне некој друг јазик како свој официјален, тогаш ќе ја загуби главната линија на комуникација со европскиот граѓанин – вели Џереми Гарднер, поранешен искусен преведувач во Европскиот суд на ревизори. Тој смета дека нема потреба да се креира нов модел на јазик во ЕУ и предупреди дека застранувањето од англискиот јазик што се користи во Велика Британија и Ирска може да ѝ нанесе голема штета на Унијата.
Од друга страна, дел од европските јазичари советуваат дека всушност ЕУ не треба во целост да го отстрани англискиот во официјалната комуникација низ еврозоната, туку да притисне сегашниот англиски јазик да добие европски промени, при што би имал сопствен „правопис, правоговор, граматика, но и вокабулар“.
„Еуобсервер“ на истава тема наведува дека земјите-членки на Унијата во овој момент практично се во лингвистички натпревар кој јазик да биде доминантен при официјалната комуникација во институциите.
Според магазинот, некои од експертите на Стариот Континент посочуваат дека сепак англискиот треба и понатаму да биде доминантен јазик, но не и официјален. Она што е интересно во освртот на бриселскиот магазин е дека е возможно во иднина да се очекува дека на местото на англискиот јазик би можело да биде поставен францускиот или германскиот јазик, како официјален јазик за комуникација во Унијата.


Дронот „лојал вингман“, кој е првото воено летало дизајнирано и произведено во Австралија по 50 години, го имаше својот прв лет на 27 февруари. Леталото е долго 11,6 метри, има досег од 3.700 километри, а во клунот може да се вгради најразлично оружје. Леталото исто така може да се опреми со оружје и да ги штити другите поскапи бомбардери, според неговите дизајнери.
„Боинг“ одлучи проектот „Лојал вингман“ да му служи како основа за производство на прототипот на дрон на американските воздушни сили, вреден 400 милиони долари. Како дел од програмата „Скајборг“, американските воздушни сили се надеваат дека ќе изградат цела плејада дронови по ниска цена со повеќекратна употреба, но ќе бидат доволно евтини за загубите во борбите да бидат финансиски и операциски исплатливи. Проектот има цел да произведе цела серија беспилотни воздушни системи што ќе можат да се движат во спорни воздушни простори и да извршуваат мисии што се преопасни за пилотите.