Судот на правдата на Европската Унија ќе биде последниот арбитер во процесот за демократското уназадување, кое, според Брисел, постои во Унгарија и во Полска. Во тој контекст, повеќе европски медиуми пишуваат дека највисокиот европски суд се подготвува за својата најголема правна битка досега

Битката на Европската Унија (ЕУ) за владеењето на правото ќе се решава во највисокиот суд во блокот. Откако европските држави и Европската комисија се најдоа во ќор-сокак за санкционирањето на демократското уназадување во државите како Унгарија и Полска, тие решија проблемот да му го препуштат на Судот на правдата на ЕУ. Ова меѓу другото го наведува магазинот „Политико“ во својата анализа, во која пишува дека овој суд се занимава со политички и бирократски проблеми што политичарите не можат да ги решат. Кис Стерк, холандски судија и поранешен член на холандскиот врховен суд, вели дека судот традиционално презема „деескалаторен пристап“ кога се донесуваат пресуди, се наоѓаат правни решенија на проблемите со европската интеграција без да се дозволи да прераснат во поголема политичка борба.

„Пукнатини во темелите на ЕУ“

Во меѓувреме, Европската комисија со години ги обвинуваше Унгарија и Полска за уназадување на демократските стандарди, поткопување на независноста на нивните судови и напади на медиумската слобода. Сепак, политичките разговори со овие држави не успеаја да постигнат напредок на оваа тема. Дури и пред да го предадат европските лидери спорот во судството, во Луксембуршкиот суд веќе постоеја неколку судски предмети за кршење на владеењето на правото во Унгарија и во Полска. Еден од нив се однесува на европскиот налог за апсење, а во судовите низ ЕУ се јавија сомнежи за тоа дали тие имаат право да направат трансфер на криминалци или осомничени за да бидат судени во Полска, со оглед на загриженоста на независноста на тамошниот судски систем.
– Се очекува Луксембуршкиот суд да донесе пресуда идната година. Доколку судот донесе одлука дека не може да му се верува на полското судство, тоа ќе ја стави на стаклени нозе судската соработка меѓу Варшава и другите европски држави, што може да им нанесе сериозен удар на внатрешните европски односи и проблемот да се пренесе во други сфери – вели Стерк, холандски судија и поранешен член на холандскиот врховен суд.
Toj предупреди дека ако сега не се преземат некакви дејства во однос на посоченото, „постои ризик да се појават пукнатини во темелите на ЕУ“.

Финансиски казни

Во знак дека највисокиот европски суд е свесен за високиот ризик од претстојната пресуда, неговиот претседател Коен Ленартс во јануари на една дебата на Варшавскиот универзитет испрати невообичаено јавно предупредување до Полска за нејзините реформи, во кое наведе дека „таа не може да биде членка на Унијата ако нема независно, непристрасно судство, кое ќе го почитува рамноправното судење и законите на блокот“. На истава тема „ЕУ обсервер“ оценува дека постои загриженост оти со оглед на високите политички тензии што ги има во целиот овој процес, судот може да се соочи со напади од полски или унгарски политичари во иднина. Сепак, во очекување наскоро да почне на судската разврска, постојат силни индиции дека судот ќе донесе пресуда во забрзана постапка, со оглед на крупните политички импликации. Доколку судот донесе пресуда во однос на случаите против Унгарија и Полска за сомнежите во независноста на нивните судски системи, овие држави мора да го променат начинот на дејствување, а секакво непочитување би можело да доведе до финансиски казни, кои ќе ги погодат Будимпешта и Варшава онаму каде што најмногу ги боли, односно црпењето средства од европскиот буџет. Европските договори ѝ овозможуваат на Европската комисија да предложи неограничени казни против држава што „не ги презела потребните мерки за да ги почитува одлуките на еден (највисок) суд“, а нејзините судии ќе одлучат дали ваквата пресуда била игнорирана, наведува медиумот.