Новата студена војна против Кина нема да се добие со идеологија, па дури ни со оружје, туку со економски притисоци и стимуланси. Стратегијата за победа ќе падне во вода ако САД се обидат да ги ограбат сојузниците, оценува за „Проџект синдикејт“ Минсин Пеи, професор на колеџот „Клермонт Мекена“

Многумина сакаат да го наречат тензичниот геополитички натпревар меѓу САД и Кина „нова студена војна“. Но на тој опис не треба да му се дозволи да ја прикрие очигледната, иако сè уште недоволно разбрана реалност дека овој нов ривалитет радикално се разликува од Студената војна меѓу САД и бившиот Советски Сојуз.
Студената војна од дваесеттиот се водеше меѓу два спротивставени воени сојузи. Спротивно на неа, кинеско-американското ривалство вклучува две економии, кои се тесно интегрирани и меѓу себе и со остатокот од светот. Затоа, најодлучните битки во денешната студена војна ќе се водат на економскиот фронт (трговија, технологија и инвестиции), наместо, да речеме, во Јужно Кинеско Море или во Тајванскиот теснец.

Некои американски стратези и експерти го признаа ова и сега тврдат дека ако САД сакаат да победат во оваа студена војна, тогаш мора да ги прекинат своите трговски врски со Кина и да ги убедат своите сојузници да го сторат истото тоа. Но како што покажува актуелната билатерална трговска војна, ова е полесно да се каже отколку да се направи. Спротивно на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека би било „лесно да се победи“ во таква војна, таа предизвикува толку високи трошоци, а американскиот трговски дефицит продолжува да се зголемува, што се чини дека сега и Трамп се двоуми дали да предизвика понатамошна ескалација.

Ако САД, со своите силни геополитички мотиви, се мачат да ги понесат трошоците од економското раздвојување, тогаш нивните сојузници, од кои повеќето немаат непосредна кинеска безбедносна закана, ќе се противат да го сторат истото тоа. Нивната резервираност е очигледна во нивниот одговор на агресивната кампања на САД против кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“.

Оваа кампања засега, меѓу другото, вклучува апсење на директорката Менг Ванжу во Канада и правна битка против компанијата за прекршување на санкциите против Иран и за крадење американска технологија. Администрацијата на Трамп, исто така, ги повика сојузниците да го држат „Хуавеи“, глобалниот лидер во мобилната технологија од најновата генерација 5Г, што подалеку од нивните безжични комуникациски мрежи.
Силни се аргументите зошто на „Хуавеи“ не треба да му се довери задачата да ги гради мрежите 5Г во западните земји. Имајќи ја предвид неограничената моќ на кинеската влада врз компаниите во земјата, вклучувајќи ја и технологијата на „Хуавеи“ во 5Г-мрежите, сето тоа може да предизвика сериозни безбедносни ризици. За земјите што не можат да си дозволат скапа опрема (и кинеската доминација ја гледаат само како далечна грижа), можеби вреди да се преземат овие ризици. Но тоа не е случај за американските богати сојузници.

Сепак, досега само Австралија и Нов Зеланд се придржуваат кон барањето на САД да го забранат „Хуавеи“. Додека Канада размислува да им се приклучи, европските земји засега ѝ се спротивставуваат на администрацијата на Трамп и покажуваат дека ќе му дозволат на „Хуавеи“ да учествува во изградбата на нивните 5Г-мрежи. Јужна Кореја и Индија слично се спротивставија на притисокот на САД да го исклучат „Хуавеи“.
И покрај импликациите за националната безбедност, останува фактот дека забраната на „Хуавеи“ ќе предизвика повисоки трошоци и значителни одложувања. Сепак, САД не им понудија никакви награди или компензации на своите колебливи сојузници.
Ова го нагласува клучниот предизвик со кој САД најверојатно ќе се соочат во новата студена војна. Иако, на крајот, Америка, најверојатно, ќе остане на прво место, победата нема да биде евтина. Економското изолирање на Кина, што е од суштинско значење за добивање предност, ќе бара од САД да ги понесат своите трошоци, но и предизвиканите загуби на сојузниците.

Победата нема да дојде брзо, особено ако САД останат на позицијата да обезбедуваат краткорочни победи, како што се кинеските ветувања за купување големи количества американска соја и енергетски производи, па нема да успеат да поттикнат системски промени од кои ќе имаат долгорочни придобивки и Американците и нивните сојузници. Таквиот опортунизам го зголемува двоумењето кај сојузниците на САД, кои се сомневаат во решителноста на Американците да одат докрај во економскиот судир со Кина, зголемувајќи го стравот дека ќе мораат попусто да претрпат високи краткорочни трошоци.

Администрацијата на Трамп веќе јасно покажа дека воопшто не се грижи за економските интереси на своите сојузници. Тие најмногу беа погодени од царините на администрацијата на Трамп за увоз на челик и алуминиум, а сега администрацијата се заканува дека ќе оди чекор подалеку, наметнувајќи царини за европските и за јапонските автомобили. Трамп, наводно, дури размислувал да побара од американските сојузници целосно да ги платат трошоците за распоредување американски војници на нивна територија, а таа привилегија би ги чинела и уште дополнителни 50 отсто од вкупната сума.

Пристапот на Трамп не го одразува само недостигот од лојалност, туку и недостигот од визија за одржување, а камоли и за зајакнување, на економската моќ на Америка. Сетете се дека речиси веднаш по влегувањето во Белата куќа, Трамп ги повлече САД од Транспацифичкото партнерство, односно од договорот за слободна трговија, чија цел е да се спречи кинеската економска доминација во азиско-пацифичкиот регион.
Новата студена војна против Кина нема да се добие со идеологија, па дури ниту со оружје, туку со распределба на разни економски стимулации додека се води геополитичката борба. Алчноста на Америка не претставува победничка стратегија. Ограбувајќи ги сојузниците, САД практично се разоружуваат.