Во клучната изборна трка за Германија, но и за целата ЕУ, двајца кандидати со спротивставени визии се борат да ја наследат Ангела Меркел на лидерската позиција во владејачката германска партија, Демохристијанска унија (ЦДУ).
Едниот претендент е Анегрет Крам-Каренбауер, миленичка на Меркел, која се опишува и како кандидатка на континуитетот, а другиот е Фридрих Мерц, долгогодишен ривал на Меркел, кој ветува радикални промени. Во трката учествува и Јенс Спан, федералниот министер за здравство.
Исходот од гласањето за нов лидер на партискиот конгрес е од клучно значење не само за ЦДУ, која владее со Германија во широка коалиција, туку и за иднината на целата држава, која е политички и економски мотор на ЕУ. Меркел останува канцеларка, но тој што ќе го преземе кормилото на владејачката партија најверојатно ќе биде и нејзин кандидат на наредните сојузни избори, кои треба да се одржат до октомври 2021 година.