Одбележувајќи го јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, ШКВ Скопје 72 организира ветерански шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите“, на кој можат да настапат сите шахисти што не се помлади од 60 години. Јубилејот ќе биде одбележен со три турнира. Првиот е еднодневен ветерански во 11 кола (денеска од 11 часот), со брзо темпо на игра (пет минути, плус три секунди за секој потег по играч), вториот е ветерански турнир (2-3 ноември) со забрзано темпо (15 минути плус 10 секунди по играч), а третиот е ветерански турнир (7-13 ноември), со стандардно темпо (60 минути плус 30 секунди по играч). Сите турнири ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за 2024, а победниците ќе бидат шампиони за годинава во своите категории.
До вчера на турнирот со брзо темпо беа пријавени 28 шахисти (тројца ФИДЕ-мајстори, ФМ) а прворангиран беше ФМ Јани Богоевски (рејтинг 2.161). Г.И.