Велкоски и Табаковски по завршувањето на ЕП

На ЕП настапија над 170 шахисти од 22 држави, поделени во три категории

ШАХ – ГОЛЕМ УСПЕХ НА МАКЕДОНЦИТЕ НА ЕП ЗА АМАТЕРИ

Младите шаховски надежи на ШК Алкалоид, Дино Табаковски (1.639 рејтинг-поени) и Стојан Велкоски (1.932), имаа одличен настап на Европското првенство (ЕП) за аматери во Загреб, Хрватска, на кое настапија над 170 шахисти од 22 држави, поделени во три категории (до 2.300, 2000 и 1.700 рејтинг-поени).
Табаковски (18), кој беше рангиран на осмото место пред почетокот, одигра одлично и го освои второто место, во конкуренција на 67 учесници во категоријата шахисти со рејтинг до 1.700 поени. По девет одиграни кола, тој имаше седум поени и освои нови четири рејтинг-поени, додека првото место со осум поени му припадна на Хрватот Иван Марфат, кој немаше рејтинг-поени, што претставуваше изненадување.
Стојан Велкоски (18) исто така одигра одлично во категоријата шахисти со рејтинг до 2.000 поени, но беше поразен во последното коло, со што го подели третото место со 6,5 поени со уште двајца шахисти. Сепак, според дополнителниот критериум, Велковски заврши како четврти во конкуренција на 59 шахисти, притоа освојувајќи нови 44,4 рејтинг-поени. Првото место му припадна на Турчинот Беркај Челик со осум бода.
Во категоријата за шахисти до 2.300 поени немаше македонски претставник, а славеше 18-годишниот Ловро Новосел (2.212), со седум поени меѓу 50 учесници. Г.И.