Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очекуваме над 6.000 натпреварувач(к)и од 35 земји во сите дисциплини, најмногу за трката на 5 км. Во главната трка ќе има околу 200 маратонц(к)и, меѓу кои поканивме и неколку поквалитетни од африканските земји, кои би требало да им помогнат и да ги инспирираат македонските маратонци да истрчаат уште побрзи трки од рекордните лани, вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски

АТЛЕТИКА

Скопскиот маратон, 18-ти по ред, кој годинава ќе се одржи на 2 октомври, повторно се враќа на главниот градски плоштад „Македонија“, откако во минатите години стартот и целта беа на платото пред спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“, во населбата Карпош 3.
– По последната трка во 2019-та и проблемите што ни ги направи ковид-19, повторно се враќаме на централната градска локација. Амбиентот е поубав и многу поживописен во секој поглед, како за натпреварувачите, така и за публиката. Стартот ќе биде пред Собранието на Македонија, а целта на плоштадот, и со нешто изменета патека, која ќе ја утврдиме во најкраток рок. Засега маратонот останува во истиот октомвриски термин, како и во минатите неколку години, а дали ќе се трча во мај, како на почетоците, останува да видиме понатаму – вели директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.
Како и досега, ќе се трчаат маратон, полумаратон, штафетен маратон и ревијална трка на 5км.
– Пријавувањето сѐ уште е во тек и ќе трае до 20 септември. Очекуваме над 6.000 натпреварувач(к)и од 35 земји во сите дисциплини, најмногу за трката на 5 км. Во главната трка ќе има околу 200 маратонц(к)и, меѓу кои поканивме и неколку поквалитетни од африканските земји, кои би требало да им помогнат и да ги инспирираат македонските маратонци да истрчаат уште побрзи трки од рекордните лани – истакнува Синадиновски
Најдобрите ќе добијат парични награди, а секој учесник на Скопскиот маратон пригоден медал и вредносен ваучер од 20 евра.
Редакцијата на „Нова Македонија“ повторно ќе има свои претставници на Скопскиот маратон. Тоа ќе бидат новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кои по седми пат, односно 14-ти пат ќе настапат во полумаратон. Л.Д.