Во рамките на свеченото доделување на стипендиите се одржа и трибина на темата „Поддршка во спортот клуч за успехот“, на која своите искуства на патот кон успехот ги споделија таеквондистот Дејан Георгиевски и скијачката Јана Атанасовска, а мотивирачка порака до младите спортисти упати спортскиот психолог, проф. Ленче Алексовска-Величковска

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СПОРТ ДОДЕЛИ 500 СТИПЕНДИИ ЗА ТАЛЕНТИРАНИ МЛАДИ СПОРТИСТИ

Министерството за спорт во Скопје свечено додели 500 стипендии „Спортска надеж“ за млади талентирани спортисти, под мотото „Поддршка вредна злато“, а министерот за спорт Борко Ристовски во своето обраќање ја истакна заложбата на Министерството за спорт за поддршка на младите таленти, обезбедувајќи ги потребните услови за нивен развој и напредок, како и континуирана поддршка за зајакнување и кревање на македонскиот спорт на повисоко ниво, велат од Министерството за спорт.
– Мојата порака до сите вас е никогаш да не се откажувате. Секогаш ќе имате пријател во Министерството за спорт, затоа што вашата желба е да се занимавате со спорт, а наша обврска е да ја испочитуваме таа желба и да ве поддржиме на патот кон успехот, кон добрите резултати, кон промовирањето на Македонија, дома и на меѓународно ниво. И што е за мене многу важно, вие сте основата, дел од Министерството за спорт, вие сте дел од државата и од општеството и промовирате вистински вредности. Им честитам на сите добитници на стипендиите и уште еднаш можам да кажам дека секогаш ќе ја имате поддршката од Министерството за спорт и од мене лично како министер. Останете тоа што сте, бидете упорни, истрајни во своите намери, бидете чесни на патот што сте одлучиле да го одите и успехот сигурно ќе дојде, порано или подоцна – рече Ристовски, кој најави и дека ќе се заложи во иднина да се зголеми помошта што ја добиваат македонските спортски надежи.
Финансиска поддршка од државата преку проектот „Спортска надеж“ добиваат спортисти на возраст до 20 години што се членови на националните селекции до оваа возрасна категорија во сите спортови, која овозможува сите спортисти, во сите спортови, олимписки и неолимписки, параолимписки и непараолимписки, да бидат рамноправни во распределбата на средствата од овој проект.

Во рамките на свеченото доделување на стипендиите се одржа и трибина на темата „Поддршка во спортот клуч за успехот“, на која своите искуства на патот кон успехот ги споделија таеквондистот Дејан Георгиевски, олимписки медалист од ЛОИ 2020 во Токио, и скијачката Јана Атанасовска, која испиша историја како прва Македонка што настапила во Светскиот куп, а мотивирачка порака до младите спортисти упати спортскиот психолог, проф. Ленче Алексовска Величковска.
– За сите спортисти многу значи поддршката. Многу значи кога знаете дека некој стои зад вас. Кога не мислите дали и како ќе стигнете на натпревар или каде ќе тренирате, туку се фокусирате само на работата – рече Георгиевски. Атанасовска истакна дека некогаш финансиите се голем проблем за спортистите.
– Порано немав никаква поддршка и беше тешко за мене. Некогаш можеби средствата што ги добиваме не се доволни за да се намират сите потреби, но многу значи кога знаеме дека некој го следи и го цени нашиот прогрес – вели Атанасовска.
Алексовска-Величковска ги посочи принципите што треба да ги следат младите спортисти за да ја постигнат целта.
– Патот на спортистите е тежок, но има некои принципи до кои треба да се придржувате, без разлика дали сте каратисти, џудисти, фудбалери, ракометари… Прво треба да го сакате тоа што го работите. Спортистите се посебни и треба да го следат својот пат, да се изборат со самите себе, а потоа и со предизвиците – изјави Алексовска-Величковска.
Настанот со својот настап го збогатија светската јуниорска шампионка во хипхоп Мила Србиноска и светскиот шампион во модерен балет Анди Исмаили, информираат од Министерството за спорт. Г.И.