Сакам да упатам благодарност до ОФМ, голема чест е да се наследи и да се работи со Миленкоски како наше најголемо тренерско име. Се надевам дека со добро здравје и со добра работа ќе ја исполниме целта, вели Наковски
Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Хари Наковски е нов селектор на македонската машка репрезентација. Во пресрет на Европската златна лига и квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2026 година, Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) реши Наковски да ја преземе улогата на Јошко Миленкоски, кој лани ја предводеше Македонија до најголемиот успех, осминафиналето на ЕП 2023.
– Сакам да упатам благодарност до ОФМ, голема чест е да се наследи и да се работи со Јошко како наше најголемо тренерско име. Се надевам дека со добро здравје и со добра работа ќе ја исполниме целта – рече Наковски, кој во минатата година му беше асистент на Миленкоски.
Свој коментар даде и досегашниот селектор Миленкоски.
– Оваа сала, овој хотел, ова место буди големи спомени, тука ги ковавме нашите резултати на последното ЕП. Тоа беше најубавиот дел од мојата тренерска кариера и сега веќе можам слободно да размислувам за тренерска пензија. Мене ми е време полека да се повлекувам, а со големо задоволство му ја предавам палката на Хари, тренер што ни помогна мене како селектор и на сите играчи да го дадеме најдоброто. Верувам дека Хари со своите помошници и со моја помош, сега од еден друг агол во насока на логистика, совет, поддршка…, ќе биде успешен, а јас на тој начин ќе бидам дел од нашиот следен успех – вели Миленкоски.
Македонските одбојкари ќе се соберат на 2 мај, ќе тренираат во Струмица до 8 мај, кога ќе отпатуваат на пријателски дуели со Романија. Потоа ќе се вратат во салата „Парк“ и ќе тренираат до почетокот на Европската златна лига на 17-ти, односно со првиот турнир на кој Македонија ќе биде домаќин на Чешка и на Естонија. Следните два се во Белгија и во Хрватска. Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија ќе бара шанса за четврти континентален собир по ред, беше речено меѓу другото на денешната прес-конференција на ОФМ.
– За разлика од лани, во составот нема да биде Александар Љафтов, кој побара одмор и ќе се приклучи во јули, кога ќе почнат подготовките за квалификациите. Филип Деспотовски се пензионира, а нови играчи се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47/72. Во стручниот штаб ново име е асистентот Кристијан Ристески, а скаутот Павле Матиќ и кондицискиот тренер Горан Панковиќ работеа и лани – вели Наковски.
Генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ, даде свое мислење за актуелните промени во репрезентацијата.
– Овој тим со мене и со Јошко тргна во формирање на репрезентацијата од 1992 година, со покојниот Димитар Циев како селектор, а со Миленкоски како асистент. Од тоа време член на ИО постојано е Ивица Хаџииљоски, а сегашниот селектор Хари Наковски беше дел од репрезентацијата што играше на првите квалификации. И тоа е одличен континуитет со кој тешко може да се пофали некоја федерација. Нема да биде лесно, но со сплотеност се надевам дека ќе успееме да се пласираме на следното ЕП – вели Карановиќ.
Состав на македонската репрезентација
ТЕХНИЧАРИ: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса, Турција), Давид Стојанов (Фужинар, Словенија), КОРЕКТОРИ: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана, Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71/22), Кристијан Илиев (Струмица 47/72). ПРИМАЧИ: Владо Милев (Струмица 47/72), Лука Костиќ (Рибница, Србија), Стојан Илиев (Анагенисис, Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип). СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Филип Маџунков (Хасроде, Белгија), Филип Савовски (Војводина, Србија), Филип Лепидовски (Таково, Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД). ЛИБЕРА: Дарко Ангеловски (Работнички 71/22), Костадин Ричлиев (Штип УГД).
Распоред на мечеви во Европската златна лига
17 мај, Струмица, 20.15 ч. Естонија – Македонија
19 мај, Струмица, 20.15 ч. Македонија – Чешка
25 мај, Беверен, 17.30 ч. Македонија – Азербејџан
26 мај, Беверен, 15 ч. Белгија – Македонија
31 мај, Осиек, 19 ч. Македонија – Хрватска
1 јуни, Осиек, 19 ч. Шпанија – Македонија