Фото: ЕПА

Вкупно 58-та сезона почнува со традиционалните велеслаломски трки во австриски Зелден (сезоната се отвора во тој скијачки центар веќе 30 години), во ноември се долгоочекуваните први прекугранични трки, поединечните комбинирани и паралелни трки се исклучени од програмата…

Во новата сезона, 58. по ред во Светскиот куп во алпско скијање, која почнува в сабота, на 28 октомври (една недела подоцна од претходните години), најдобрите скијачи во светот ќе се натпреваруваат во 90 настани во четири дисциплини (слалом, велеслалом, супервелеслалом и спуст), пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Сезоната почнува со традиционалните велеслаломски трки во австриски Зелден (сезоната на Светскиот куп се отвора во тој скијачки центар веќе 30 години). По контролата на снегот на глечерот Ретенбах високо над Зелден, претставниците на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) дадоа зелено светло за почеток на Светскиот куп во алпско скијање за жени и за мажи на 28 и на 29 октомври, пишува ФИС.
– И покрај долготрајните и натпросечни температури, нашиот тим совршено навреме ја подготви патеката за Светскиот куп и обезбеди падини за јавно скијање. Со нетрпение ја очекуваме 30-годишнината – рече Јакоб Фалкнер, раководител на организацискиот комитет на трката во Зелден, пренесе ФИС.
Натпреварите во Светскиот куп ќе траат до крајот на март в година и ќе кулминираат со финалето во Залбах (Австрија), каде што исто така треба да се одржи Светското првенство во 2025 година. Првпат финалето на сезоната ќе се одржи во два викенда наместо во текот на една недела.
Во сезона без големи шампионати, најголемиот дел активности ќе се одвиваат во Европа, со четири потврдени настани во Северна Америка, во САД и во Канада. Во ноември, сезоната на брзински трки треба да почне со долгоочекуваните спуст-трки во Цермат-Червинија, што ќе ги обележи првите прекугранични трки (Швајцарија и Италија) во историјата на Светскиот куп, по минатогодишното откажување поради неповолни временски услови, пишува ИОК. Поединечните комбинирани и паралелни трки се исклучени од програмата на Светскиот куп.
Микаела Шифрин (САД) и Марко Одермат (Швајцарија) ќе ги бранат титулите во генерален пласман освоени во минатата сезона. Н.М.