ОДБОЈКА, МАЖИ
Селекторот се потпре на добро проверени сили, односно оние што и досега го носеа товарот на националниот тим
Селекторот на машката одбојкарска сениорска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, го скрати првобитниот список од 22 играчи за шестмина и на првиот собир во Струмица на 15 мај ќе смета на 16 репрезентативци. За првата акција летово, настапот во Златната европска лига, Миленкоски се потпре на добро проверени сили, односно оние што и досега го носеа товарот на националниот тим. Базата се интернационалците, капитенот Никола Ѓоргиев и организаторот на играта Ѓорѓи Ѓоргиев, потоа Александар Љафтов, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Тоше Ефремов, како и средниот блокер Филип Савовски. Капитенот на Струмица, Владо Милев, како најискусен треба да даде стабилност во националниот тим, а целата слика да ја дополнат најдобрите одбојкари од домашните сцена, од старо-новиот првак Струмица и освојувачот на домашниот куп, Штип УГД. Миленкоски првата прозивка ќе ја има во хотелот „Пандев“ во Струмица, на 15 мај напладне.
Состав: ТЕХНИЧАРИ: Ѓорѓи Ѓоргиев, Давид Стојанов. КОРЕКТОРИ: Никола Ѓоргиев, Стојче Арсов, Кристијан Илијев. ПРИМАЧИ: Владо Милев, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Тоше Ефремов, Александар Љафтов. СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Михајло Мирасчиев. ЛИБЕРО: Костадин Ричлиев, Ване Арапов. Г.И.