Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија лани во Скопје триумфира во Третата европска зона и обезбеди пласман во повисок ранг. На годинашниот турнир од Втората евроафриканска зона, во Литванија, ќе играат 11 репрезентации, а двете најдобри ќе се пласираат во Првата евроафриканска зона. Селекторот Лабудовиќ одлучи боите на Македонија да ги бранат Ѓорческа, Стоилковска, Данева, Митевска и Андова

Женската тениска репрезентација на Македонија од 8 до 13 април ќе настапи во литванскиот град Вилнус во Втората евроафриканска зона на купот „Били Џин Кинг“. Македонските тенисерки лани во Скопје триумфираа во Третата европска зона и со тоа обезбедија пласман во повисок ранг. Селекторот Димитар Лабудовиќ за настапот во Литванија одлучи боите на Македонија да ги бранат Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова, информира Тениската федерација на Македонија (ТФМ).
Натпреварите ќе се играат на тврда подлога, а ќе настапат вкупно 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во три групи. Трите првопласирани селекции од групите ќе формираат нова група, во која ќе се игра секој со секого, а двете првопласирани ќе изборат пласман во Првата евроафриканска зона.
Второпласираните во групите по првата фаза ќе формираат група што ќе игра за пласман од четвртото до шестото место, а третопласираните ќе играат за пласман од седмото до деветтото место. Двете четвртопласирани репрезентации во групите со по четири национални тима ќе играат следната година во Третата европска или африканска зона.
– Најголем фаворит според најавениот состав е Хрватска, во чии редови е пријавена Дона Векиќ (34-та ВТА-листата). Од другите селекции, за Естонија треба да настапи Каја Канепи, а според рангот меѓу најдобрите неколку тенисерки, секако, е и Ѓорческа – велат од ТФМ.
Лани во Скопје, кога Македонија обезбеди пласман во повисок ранг во ова натпреварување, на тениските терени на клубот Југ, покрај Македонија настапија и селекциите на Албанија, Ерменија, Азербејџан, Кипар, Финска, Исланд, Луксембург, Црна Гора, Молдавија и на Сан Марино. Притоа македонските тенисерки забележаа пет победи, на дуелите со Финска (2-1), Молдавија (3-0), Албанија (3-0), Исланд (3-0), Азербејџан (3-0) и во плејофот со Ерменија (3-0), која го освои второто место. Г.И.


КУП БИЛИ ЏИН КИНГ, ЕВРОАФРИКАНСКА ЗОНА

ГРУПА 1: Австрија, Бугарија, Грција, Данска, Португалија, Унгарија, Летонија, Норвешка, Србија, Шведска, Турција
ГРУПА 2: БиХ, Хрватска, Египет, Естонија, Грузија, Израел, Косово, Литванија, Мароко, Македонија, Малта
ГРУПА 3 (Европа): Албанија, Ерменија, Азербејџан, Кипар, Финска, Ирска, Исланд, Лихтенштајн, Луксембург, Црна Гора, Молдавија, Сан Марино
ГРУПА 3 (Африка): Боцвана, Бурунди, Гана, Кенија, Мадагаскар, Маврициус, Намибија, Нигерија, Ј. Африка, Тунис, Уганда, Зимбабве
ГРУПА 4 (Африка): Алжир, Ангола, Камерун, Конго, Етиопија, Лесото, Мозамбик, Руанда, Сенегал, Сејшели, Танзанија, Того