Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, и Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, го посетија преспанското село Љубојно и направија увид во започнатата реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов“ во Центар за промоција на македонскиот јазик. Објектот ќе заживее во чест на македонските дејци и на сите просветни работници и ќе прерасне во Центар за македонски јазик, кој ќе биде заеднички паметник.
Министерката за култура рече дека секогаш со радост му се враќаме на Љубојно, на ова македонско образовно светилиште, кај темелите на нашето описменување на мајчин македонски јазик.
– Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ја има училиштето за едукација на македонскиот народ – истакна министерката за култура.
Во изминатиот период, Завод и музеј – Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет. Овој проект започна со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти. Со изградбата на Центар за промоција на македонскиот јазик се искажува почитта кон сите учители и ученици што на ова место се образовале уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека тие веќе одржале настан во дворот на училиштето, на отворањето на „25. денови на Благоја Корубин“.
– Очекувам возобновениот Центар за промоција на македонскиот јазик да биде место што ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнување на билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост што ќе ги обединува овие три држави – рече таа.
За реконструкцијата во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари. В.Д.