Се надевам дека наредниот период ќе биде добро загревање, со радување на Македонија со нови успеси и продолжување со Eвропското првенство, вели репрезентативецот Филип Деспотовски

ОДБОЈКА – ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Двете македонски сениорски репрезентации денеска ќе ја почнат новата сезона во Европската лига, со тоа што мажите првпат ќе играат во Златната, а дамите ќе дебитираат во Сребрената лига, со вкупно 12 натпревари во период од три недели. За машката селекција тоа ќе бидат и добро загревање за август и за септември, кога Македонија ќе организира една од групите на Европско првенство.
Одбојкарската репрезентација на Македонија досега четири пати настапи во Сребрената европска лига, трипати беше втора и еднаш четврта. Сега ќе игра скалило погоре, што е и нов предизвик. На европските првенства Македонија играше двапати, по дебито во 2019 година во Љубљана (Словенија), кога беше 17-та, настапи и во 2021 година во Тампере (Финска), каде што беше 23-та. На светската ранг-листа од 1 јануари Македонија е на 43-то место.
– Ново натпреварување за македонската машка репрезентација, нов селектор, нови помошници, меѓутоа стара екипа. Очекувајте сите добар резултат, сите сме многу подготвени. Се надевам дека наредниот период ќе биде добро загревање, со радување на Македонија со нови успеси и продолжување со Eвропското првенство – вели репрезентативецот Филип Деспотовски.
Македонија првиот меч го игра денеска со Украина, во Лоѓ (Полска), од 19 часот. Украина досега двапати била учесник на светските првенства, во 1998 година била 10-та, а лани седма. На европските првенства била поприсутна, шест пати, со најдобар пласман во 1993 година, шеста. На светската ранг-листа таа селекција е на 16-то место.
Македонската женска одбојка се враќа на европската сцена со шест натпревари во Сребрената лига. Македонија (43-та во светот) ќе биде домаќин на првите три средби пред трите гостувања во низа. Првиот противник е Австрија (41-рангирана), денеска, од 20.15 часот.
Сите дуели дома ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот и за машката и за женската репрезентација на сите натпревари во Скопје ќе биде бесплатен. Г.И.


ЗЛАТНА ЛИГА

Украина – Македонија 19 ч.
Македонија – Белгија среда
Македонија – Хрватска 3 јуни
Белгија – Македонија 10 јуни
Хрватска – Македонија 14 јуни
Македонија – Украина 18 јуни

СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонија – Австрија 20.15 ч.
Македонија – Летонија среда
Македонија – Естонија 3 јуни
Естонија – Македонија 10 јуни
Летонија – Македонија (14 јуни, 16 ч.)
Австрија – Македонија (17 јуни, 18 ч.)