Начинот на размислување може да се примени на секој дел од животот. Многу работи со кои се занимаваме се исполнети со неизвесност и нашите цели може да изгледаат далечно во моментов. Но поделбата на нашето патување на помали делови и да не се биде преоптоварен од дистанцата што треба да се помине може да ви помогне да стигнете таму, вели Данецот Андерс Хофман, кој е првиот човек што на Антарктикот завршил триатлон (пливање 3,9 км, возење со велосипед 180 км и трчање маратон 42,2 км)

Целта на проектот „Леден човек“ беше едноставна. Данскиот „ајронмен“ Андерс Хофман (28) сакаше да биде првиот човек што завршил триатлон (пливање 3,9 км, возење со велосипед 180 км и трчање маратон 42,2 км) на ледениот Антарктик.
– Целата порака зад проектот беше дека ограничувањата се само перцепции. Начинот на размислување може да се примени на секој дел од животот. Многу работи со кои се занимаваме се исполнети со неизвесност и нашите цели може да изгледаат далеку во моментов. Може да биде тешко да се биде задоволен и удобен со себе и да се продолжи пред интензивните предизвици. Но поделбата на нашето патување на помали делови и да не се биде преоптоварен од дистанцата што треба да се помине може да ви помогне да стигнете таму – вели Хофман, пренесе „Би-би-си“.
Настанот се одвиваше во февруари годинава, во текот на 33-дневната експедиција со брод од Ушуаја во Аргентина, па преку Драка до Антарктикот. Беа преземени сите мерки на претпазливост, вклучувајќи и тим од мошне искусни луѓе, кога се во прашање експедиции на Антарктикот.
Самите подготовки беа во најмала рака комплицирани, оти Хофман мораше да најде комплет што ќе му овозможи да трча, да вози велосипед и да плива, и тоа во екстремен студ, мораше да најде спонзори за финансирање и конечно мораше да се подготви. За ентузијастот од Копенхаген, „железниот човек“ Хофман, Антарктикот беше голем предизвик.
– Јас не сум голем љубител на студот или на самите дисциплини на триатлонот, но ми се допаѓа тоа што сето ова е обука на умот, на внимателноста и како сето ова да се надмине – изјави Хофман за „Би-би-си“.

И затоа беа потребни патувања со часови, обука во специјализирани комори со температура под нулата (Гренланд, Исланд и Норвешка). Хофман сакаше свое парче историја. Но тој, исто така, сакаше да ги надмине своите психолошки, но и физичките граници на триатлонот.
– За време на првиот километар, потсвеста само се обидуваше да ме натера да се откажам, ми велеше дека ова е лоша идеја, премногу е далеку, премногу е студено, дека целата работа нема смисла – објаснува Хофман.
По речиси 3,9 км, студената вода беше зад него, Хофман забележа брег, а потоа мразот конечно се врати под неговите нозе и беше завршен неговиот најмалку омилен спорт од трите дисциплини. Со раце и нозе прво вкочанети од студот, му беа потребни 30 минути за да го смени комплетот што го носеше на себе. Потребни беа уште 20 минути одење за да ги раздвижи замрзнатите нозе. Конечно тој беше на својот велосипед и ги вртеше педалите низ снегот.
– Гледајќи однадвор, сѐ што правев беше навистина бавно. Но во мојот ум сѐ се тркаше. Тука беше физичкиот предизвик, фрустрацијата што не одам побрзо и сите негативни мисли што навлегуваа – вели Хофман.

По многу проблеми и ситуации далеку од претпоставените пред почетокот на авантурата, Хофман го заокружи ледениот триатлон за 72 часа (вклучувајќи го и засолнувањето од 27 часа поради екстремно време за време на маратонот). Но следуваа нови изненадувања, на патот кон дома, оти од неговото заминување од Копенхаген светот целосно се смени и тој успеа да стигне дома само 11 часа пред затворањето на границите поради доаѓачката пандемија на коронавирусот, нешто што не беше на повидок кога тргна кон Антарктикот.