Гакидова го влече првиот потег на мечот Карлсен - Сарау на ЕКК во Струга

Дворкович (претседател на ФИДЕ) е расположен да ни додели организирање шаховски настан од светски рамки во 2022 година, со што би го одбележиле јубилејот 50 години од Шаховската олимпијада во Скопје, ни изјави меѓу другото Александра Гакидова, претседателката на ШФМ

ШФМ не се откажува од идејата за вклучување на шахот во основните училишта како задолжителен предмет уште од прво одделение, вели меѓу другото во разговор за „Нова Македонија“ Александра Гакидова, претседателка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ). По завршувањето на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Струга, со Гакидова разговаравме и за ЕКК, за идните планови на ШФМ, за одбележување на јубилејот 50 години од Шаховската олимпијада во Скопје…

Како го оценувате ЕКК во Струга?
– Пред сѐ, морам да изразам огромна благодарност до целата екипа што работеше на подготовките за ЕКК, како и на самиот тек. Предводени од главниот организатор Зоран Стојчевски, сметам дека одлично ја одработивме задачата, оти не беше лесно да се изврши ковид-тестирање на сите учесници во само неколку часа пред почетокот на првото коло. Но и тоа успешно го извршивме и турнирот помина во најдобар ред, како од натпреварувачки така и од здравствен аспект. Имавме и многу добар коментар во живо со ВМ Александар Чоловиќ, а и добри соговорници, како на пример ВМ Давид Навара, ВМ Сем Шакланд и други. Сите мечеви на женскиот турнир беа пренесувани во живо на дигитални табли, а на опенот 60 табли, што е, исто така, многу добра бројка.

Во Струга беа и претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, и претседателот на Европската шаховска унија (ЕКУ), Зураб Азмајпарашвили. Колку тие беа задоволни од ЕКК и разговаравте ли за следна организација, која би можела наскоро да ја добие Македонија?

– Дворкович немаше многу време да се увери во организацијата, оти ни се придружи на доделувањето на наградите, но беше задоволен од условите во салата. Расположен е да ни додели организирање на некој шаховски настан од светски рамки во 2022 година, со што би го одбележиле јубилејот 50 години од Шаховската олимпијада во Скопје. Имаме неколку идеи за концепцијата на турнирот, но повеќе детали ќе споделиме штом ќе имаме појасна слика. Азмајпарашвили, пак, има дојдено многупати во Македонија и одлично ги познава Струга и Охрид. Во неврзан разговор ми кажа дека условите за сместување биле меѓу најдобрите досега на ЕКК. Салата за опен-турнирот беше доволно пространа и овозможи да се запази потребното растојание помеѓу играчите, што беше позитивно оценето, а му беше и многу мило што докажавме дека и во услови на пандемија може да се организира успешен турнир.

Задоволна ли сте од бројот на екипите и од квалитетот на учесниците?
– Кај мажите беше повеќе од задоволителен, имајќи ги предвид условите, а беа задоволни и челниците на ЕКУ. Кај шахистките очекував уште четири-пет екипи, но условите за женски шах ни во Европа не се најдобри по пандемијава. Што се однесува до играчите, имаше одлична конкуренција и дојдоа голем дел светски познати шахисти и во двете конкуренции, меѓу кои и светскиот првак Магнус Карлсен.

Азмајпарашвили и Дворкович во Струга за време на ЕКК

Следни планови на ШФМ на натпреварувачки план?
– Следно е Европското хибридно првенство за деца и младинци во училиштето „Јахја Кемал“, како и учество на репрезентациите на Европското првенство во Словенија. Планирано е пред настапот на репрезентациите да се одржи и еден камп за подготовка. Од договорениот календар останаа уште два турнира, Екипното првенство за млади и Аматерското првенство на Македонија. За двете се обидуваме да најдеме соодветен термин за одржување, имајќи предвид дека моравме да ги одложиме поради други турнири што се најавија во меѓувреме, а за кои сметавме дека е во ред да им дадеме предност.

Како до поголема популаризација на шахот во Македонија?
– На тој план ШФМ не се откажува од идејата за вклучување на шахот во основните училишта како задолжителен предмет уште од прво одделение. На оваа тема разговаравме и со Дворкович, на средбата со нашиот премиер во Скопје. На ЕКК разговарав и со главниот судија, Томаж Делега од Полска, земја што има имплементирано шах во голем број школи, а Делега бил претседател на Шаховската федерација на Полска токму кога биле почетоците на имплементирање на тој проект и сподели вредни искуства со нас.


Голем дел од плановите за овој период остваривме

Колку од плановите се реализирани откако сте на чело на Шаховската федерација на Македонија?
– Голем дел од плановите што ги имавме за овој период остваривме, но останува уште многу работа пред нас. Успешно ги организиравме сите првенства, се надевам дека ќе ги организираме и преостанатите два турнира од календарот. Ја подновивме Федерацијата со 100 дрвени шаховски гарнитури и 36 електронски табли. Планираме дел од старите гарнитури да подариме и на шаховските клубови што имаат свои простории, со што ќе им овозможиме подобри услови за работа – изјави Александра Гакидова, претседателката на Шаховската федерација на Македонија.

[email protected]