Според нецелосните податоци, најмногу нови имиња има кај Веспрем, осум, по седум во Киелце и во Вардар, а Фленсбург засега има најавено само едно засилување. Во пресрет на новата сезона засега најмногу заминувања, 12, има од Мешков
Изминатиов период ракометниот трансфер-пазар работи со полна пареа, а клубовите низ Европа полека ги составуваат тимовите со кои во новата сезона ќе се натпреваруваат во европските купови и во домашните шампионати. Меѓу ракометните клубови што ќе играат во Лигата на шампионите најрасположени за „пазарење“ се унгарскиот првак Веспрем, кој досега најави осум нови имиња во својот тим, а со по седум нови ракометари досега се пофалија полскиот првак Киелце и актуелниот европски и македонски првак Вардар. Германскиот првак Фленсбург засега има најавено само едно засилување.
Во пресрет на новата сезона најмногу заминувања има од белорускиот првак Мешков Брест кого го напуштиле 12 ракометари, следен е хрватскиот првак Загреб со девет, а по осум заминувања имаат Вардар и Монпелје. Седум ракометари го напуштија Киелце, а шест Веспрем. Фленсбург и вицепрвакот на Германија, Кил пријавија само по две заминувања.
Во следната сезона боите на Веспрем ќе ги бранат новаците, голманите Владимир Цупара и Мартон Шекели, бековите Вуко Борозан, Расмус Лауге Шмид, Павел Пачковски, Матеус Ѓер и Омар Јахиа и пикерот Рожерио Мораеш Фереира. Полскиот првак Киелце во своите редови ги донесе голманите Андреас Волф и Матеус Корнецки, бековите Игор Карачиќ, Дорук Пеливан, Томас Гебала и Бранко Вујовиќ, кој се враќа од позајмувањето од Целје и пикерот Ромарик Гуило.
Бековите Павел Атман, Сергеј Горпишин и Хосе Толедо, голманот Артурс Кугис, левото крило Димитар Димитриоски и пикерот Домен Сикошек на чело со шпанскиот тренер Давид Писонеро се новите имиња што досега ги има потврдено Вардар. Францускиот ѕвезден тим ПСЖ сезонава го напуштаат голманот Тиери Омејер (пензија) левото крило Уве Генсхајмер и десниот бек Лука Степанчиќ, а нивните места ги зазедоа Винсен Жерар (голман), Гудјон Валур Сигурдсон (лево крило), Камил Шипшак (пикер) и Елохим Пранди (лев бек). Шпанскиот гигант Барселона досега донесе две засилувања, централниот бек Лука Циндриќ и пикерот Абел Серхио Гунтин, а нивните редови ги напуштаат Немања Илиќ (лево крило), Камил Шипшак (пикер) и Жилберто Дуарте (лев бек).
Полскиот лев бек Михаил Јурецки е единственото засилување што досега го донесе Фленсбург, а нивните редови ги напуштија Расмус Лауге Шмид (центар) и Тобијас Карлсон (пензија), Кил, пак, своите редови ги засили со Чехот Павел Хорак (лев бек) и голманот Дарио Квенстед, а тимот го напуштија чуварот на мрежата Волф и пикерот Себастијан Фирнхабер.
Од Загреб заминуваат по тројца десни бекови (Иван Сршен, Артур Карбатски и Никола Потиќ) и пикери (Сенјамин Буриќ, Тин Контрец и Леон Шушња), потоа два централни бека (Грегор Поточник и Ловро Јотиќ) и еден голман (Урх Кастелиќ). На нивно место доаѓаат Матеј Ашанин (голман), Александар Шпенде, Дарко Стојиќ (бекови), Кристијан Беќири, Марин Шипиќ (пикери) и Ненад Костески (десно крило).
Во пресрет на новата сезона најмногу работа за уигрување на тимот ќе има новиот тренер на белорускиот првак Мешков Брест, Раул Алонсо, кој го наследи местото на Маноло Каденас. Белорускиот тим на крајот на сезоната го напуштија голманот Виталиј Чарапенка (пензија), бековите Павел Хорак, Петар Ѓорѓиќ, Андреј Јашченка, Никита Лошчако, Павел Дарафеј, Шиме Ивиќ и Сергеј Шиловиќ, потоа крилата Дијаниз Рутенка и Максим Мачалов и пикерите Вид Потеко и Раман Бубен. Нови имиња за новата сезона во Мешков Брест ќе бидат бековите Вилијам Акамбре, Немања Обрадовиќ, Јака Малуш и Марко Паниќ, крилото Никита Ваилупов и пикерите Бранко Канкараш и Даниел Андреев.