КОШАРКА – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ
СП 2023 ќе го организираат три држави, Јапонија, Индонезија и Филипини, а бранител на титулата е Шпанија. На ЛОИ 2024 во Париз ќе се пласираат по две од најдобрите селекции од европската и од американската зона и по една од Африка, Азија и од Океанија, а директен пласман досега обезбеди Франција. Другите места ќе ги пополнат победниците на четирите квалификациски турнири
Денеска почнуваат возбудувањата на 19-то Светско првенство (СП) во кошарка за мажи, со 32 репрезентации поделени во осум групи. Новитет е тоа што СП ќе го организираат три држави, Јапонија, Индонезија и Филипини. Првите две селекции од секоја група ќе формираат четири нови групи, пред четвртфиналињата. Бранител на титулата од 2019 година е Шпанија, фаворит за златото се смета селекцијата на САД иако нејзиниот состав, предводен од селекторот Стив Кер, е далеку од најдобриот, а меѓу претендентите за медали се и Канада, иако во составот ги нема Џамал Мареј и Ендрју Вигинс, искусната Франција без ѕвездата во подем Виктор Вембањама, Австралија, потоа Германија со НБА-играчите Денис Шрудер, браќата Вагнер и Даниел Теис, Србија, која е без двојниот МВП во НБА-лигата, Никола Јокиќ… Кој ќе го крене пехарот „Џејмс Нејсмит“, кој му се доделува на светскиот првак од 1967 година, ќе биде познато на 10 септември по финалето во Манила.
Претстојното СП е и можност за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз и избегнување на квалификациите. Две од најдобрите селекции од европската и од американската зона и по една од Африка, Азија и од Океанија ќе добијат виза за ЛОИ 2024. Франција обезбеди место оти е домаќин на Игрите, па по СП ќе бидат познати осум од вкупно 12 учесници на олимпискиот турнир. Другите места ќе ги пополнат победниците на четирите квалификациски турнири в година.
Светската кошаркарска федерација (ФИБА) одреди 44 судии што ќе ја делат правдата на вкупно 92 натпревари на ова Светско првенство, од кои само Порторико и Летонија имаат по тројца. Она што е новитет е тоа што првпат во историјата на машките мундијали на списокот има и три судијки. Тоа се Американките Ејми Бонер, Бланка Барнс и Џена Рено.
Најуспешна репрезентација на светските првенства е САД со пет злата, три сребра и четири бронзи. Г.И.