Германскиот тим загуби на свој терен од Стразбур, со 76-77, вториот меч е идната недела, се игра до две победи. Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс постигна 24 поени, шест асистенции и пет скока, со вкупен индекс 23, највисок на мечот. Шортс во ЛШ е трет според постигнати поени (просек 19 поени), втор според асистенции (7,4) и трет за остварени индекс-поени (20,2)
КОШАРКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Германскиот бундеслигаш Телеком Бон, на свој терен го загуби првиот меч од четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), од француски Стразбур, со 76-77. Телеком Бон претходно имаше 11 победи во низа во ЛШ. Четвртфиналната серија се игра до две победи, а на 11 април Французите ќе бидат домаќини.
Во редовите на Телеком Бон, како и вообичаено, најдобар и најефикасен на теренот беше македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс, кој за 31 минута на теренот постигна 24 поени, со шут за два поена 7/13 (53,8 отсто), за три поена 2/4 (50 отсто) и од линијата за слободни фрлања 4/9 (44,4 отсто).
Покрај ова, тој придодаде и шест асистенции (најмногу на мечот) и пет скока, со вкупен индекс 23, највисок на натпреварот. Шортс во ЛШ моментно е трет според постигнати поени (просек од 19 поени), втор според асистенции (7,4) и трет според остварени индекс-поени (20,2).
Кај победничката екипа доминираше Американецот Маркус Кин со 26 поени. Претходниот пораз (во октомври лани) Телеком Бон го претрпи, исто така, на домашен терен, од италијанскиот претставник Реџо Емилија.
Четирите екипи што ќе бидат вкупни победници во четврт-финалето ќе се пласираат на фајналфорот, а ждрепката за полуфиналето ќе се влече во градот домаќин на тој турнир. Г.И.
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Телеком Бон – Стразбур 76-77
Хапоел Ерусалим – АЕК 64-55
Леново Тенерифе – Манреса 91-84
Уникаха – Мурсија 83-67
вторите средби се идната недела, се игра до две победи