Лука Дончиќ / Фото: ЕПА

Далас ја победи Оклахома со 4-2 во победи и во финалето на Западната конференција ќе игра со Денвер или со Минесота. На Истокот, пак, Бостон во финалето ќе се сретне со Њујорк или со Индијана

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Кошаркарите на Далас се пласираа во финалето на плејофот на Западната конференција во НБА-лигата, откако во шестиот полуфинален натпревар, на свој терен ја совладаа екипата на Оклахома, со 117-116. Далас во серија што се игра до четири победи славеше со 4-2.
Во почетокот на третата четвртина на шестиот натпревар Оклахома имаше предност од 17 поени (77-60), но, сепак, тоа се покажа недоволно за успех, оти Далас направи резултатски пресврт и триумфира.
Најмногу кај Далас покажа Словенецот Лука Дончиќ, кој забележа т.н. трипл-дабл ефект (двоцифрен ефект во три статистички категории), односно уфрли 29 поени, а имаше и по 10 скока и асистенции. Кајри Ирвинг и Дерик Џонс постигнаа по 22 поени. Кај Оклахома најдобар беше Шеј Гилџес-Александер со 36 коша, три скока и осум асистенции, Џејлен Вилијамс постигна 22, а Чет Холмгрен 21 поен.
Во финалето на плејофот на Западот, Далас ќе игра со подобриот од дуелот Денвер – Минесота (моментниот резултат беше нерешен 3-3, а седмиот меч требаше да се игра денеска рано наутро во Денвер). Титулата во НБА-лигата ја брани токму Денвер.
Во Источната конференција прв финалист е Бостон, а во финалето ќе игра со подобриот од дуелот Њујорк – Индијана (3-3 по шест меча, седмиот се играше синоќа). Г.И.