Најуспешни на ЗОИ 2018 се Kлаебо и Фуркад со по три златни медали, но само пет олимпијци освоија по две злата исклучиво во индивидуални натпревари (сметано без трофеите од штафети или од тимска игра)
Норвежанецот Јоханес Хосфлот Kлаебо во нордиско скијање и Французинот Мартин Фуркад во биатлон се спортистите со најмногу златни медали освоени на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг. Двајцата освоија по три најсјајни медали.
Клаебо беше најбрз во индивидуалниот и во тимскиот спринт, како и во штафетата четири пати по 10 км. Фуркад, пак, освои златни медали во 12,5-километарската потера (т.н. пурсуит), трката на 15 км (масовен старт) и во мешаната штафета.
На листата има многу натпреварувачи со по два златни медали, но како Фуркад, кој сам освои две титули (уште една со помош на тимските колеги) има само уште четворица. Тоа се Чехинката Естер Ледецка (алпско скијање и сноуборд), Германката Лаура Далмаер (биатлон), Холанѓанецот Кјелд Нуис (брзо лизгање) и Австриецот Марсел Хиршер (алпско скијање). Од нив Ледецка влезе во историјата на ЗОИ како прва жена со титули во два различни спорта на едни ЗОИ.
Вкупно, Норвежанката Марит Бјорген (нордиско скијање) замина со најголем број медали, пет, од тоа по два златни и бронзени и еден сребрен. Таа влезе во историјата на ЗОИ како најуспешна на сите времиња, со 15 медали, од тоа осум златни, четири сребрени и три бронзени. На оваа листа сега втор е нејзиниот сонародник биатлонецот Оле Еинар Бјорндален, со 13 медали (8-4-1), а трет е уште еден Норвежанец, Бјорн Дели со 12 медали (8-4-0, во нордиско скијање).
На ЗОИ 2018 вкупно 93 спортисти освоија повеќе од еден олимписки медал.