Меѓу четирите најдобри се некогашни европски прваци, победници на други континентални купови и екипи што играат за прв европски трофеј
ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ПОЧНУВААТ ПОЛУФИНАЛИЊАТА ВО ТРИТЕ КОНТИНЕНТАЛНИ КУПА
Четири поранешни европски фудбалски прваци, уште четири тима некогашни финалисти во Лигата на шампионите (ЛШ), но со трофеи во други европски купови, како и четири екипи што досега не освоиле европски пехар, се во трка по трофеите во трите континентални клупски натпреварувања сезонава, Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ). Првите полуфинални мечеви се неделава.
Европските прваци се распределени во сите три натпреварувања. Па така, Барселона (пет пати европски првак) и Интер (трипати шампион) ќе играат меѓу себе за пласман во финалето на ЛШ. Трикратниот европски првак Манчестер јунајтед е во трка за нов пехар во Лига Европа (победи во 2017 година), а Челси, кој двапати беше континентален шампион, е во полуфиналето на Конференциската лига и игра за рекорд, трофеј во шесто меѓународно клупско натпреварување.
Од клубовите што досега играле во финале на Лигата на шампионите, Арсенал (финалист во 2006 година) и Пари сен Жермен (финалист во 2020 година) ќе се сретнат во другото полуфинале сезонава во најсилното европско клупско натпреварување. Тотенхем (играше за трофејот за европски првак во 2019 година) е меѓу четирите најдобри во Лига Европа, а Фиорентина (финалист во некогашниот Куп на шампионите, во 1957 година) е во полуфиналето на Конференциската лига.
Сите тие четири клуба претходно освојуваа други европски трофеи, и тоа Арсенал во 1994 година славеше во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), Пари сен Жермен во 1996 година во КПК, Тотенхем во 1963 година во КПК и во 1972 и во 1984 година во Лига Европа и Фиорентина во 1961 година во КПК.
Без европски трофеј досега се Бодо/Глимт, Атлетик Билбао (двата тима се во полуфиналето на Лига Европа), Бетис и Ѓургарденс (тие се меѓу четирите најдобри екипи сезонава во Конференциската лига). Од нив, Атлетик Билбао има настап во две континентални финалиња, двете во Лига Европа, во 1977 и во 2012 година.
Англиските и шпанските клубови сезонава можат да израмнат рекорд на италијанските екипи, кои се единствени што во една сезона ги освоија сите три европски купови што тогаш се играле. Така, во 1990 година Милан стана европски првак, Сампдорија победи во КПК, а Јувентус во тогашниот Куп на УЕФА (сега Лига Европа).
Од Англија во трка по трофеите сезонава се Арсенал во ЛШ, Тотенхем и Манчестер јунајтед во ЛЕ и Челси во КЛ. Од Шпанија, пак, има по еден клуб во секое натпреварување, и тоа Барселона во ЛШ, Атлетик Билбао во ЛЕ и Бетис во КЛ. Во периодот кога во Европа се играа по два купа (од 1960 до 1970 и од 1999 до 2021 година) шест пати трофеите ги освојуваа клубови од иста земја, и тоа пет пати од Шпанија (во 2006 и во 2015 Барселона и Севилја, во 2014 и во 2016 година Реал Мадрид и Севилја, а во 2018 година Реал Мадрид и Атлетико Мадрид) и еднаш од Англија (во 2019 година Ливерпул и Челси). Н.М.
Челси може прв да стане победник
на шест меѓународни клупски натпреварувања
Англискиот премиерлигаш Челси е во игра да стане првиот клуб што победил во сите клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), и тоа Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ), Конференциската лига (КЛ), Суперкупот и некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК, натпреварување што се спои со Купот на УЕФА во 1999 година, кое, пак, подоцна се преименува во Лига Европа) и на Светската фудбалска федерација (ФИФА), клупското Светско првенство.
Челси е единствен клуб што има повеќе од еден од сите европски трофеи, откако освои по два во ЛШ, ЛЕ, КПК и во Суперкупот на УЕФА. Клубот од Лондон има и еден пехар за светски клупски шампион. Ваква колекција од трофеи од пет меѓународни клупски натпреварувања имаат уште четири клуба, Ајакс, Јувентус, Баерн и Манчестер јунајтед. Н.М.
ТРОФЕИТЕ НА ЧЕЛСИ
ЛШ 2 (2012, 2021 г.)
ЛЕ 2 (2013, 2019 г.)
КПК 2 (1971, 1998 г.)
Суперкуп 2 (1998, 2021 г.)
СП 1 (2021 г.)
ЛШ – Лига на шампионите; ЛЕ – Лига Европа; КПК – Куп на победниците на куповите; СП – Светско клупско првенство
ПОЛУФИНАЛИЊА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Арсенал – ПСЖ утре, 21 ч.
Барселона – Интер среда, 21 ч.
ЛИГА ЕВРОПА
Тотенхем – Бодо/Глимт четврток, 21 ч.
Атлетик Б. – Манчестер Ј. четврток, 21 ч.
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Бетис – Фиорентина четврток, 21 ч.
Ѓургарденс – Челси четврток, 21 ч.