Фото: ЕПА

По првите мечеви во плејофот, Шпанија, со трите победи на гости на клубовите од таа земја, изби на второто место, а и понатаму води Англија. Лани Италија и Германија беа двете земји со најдобар вкупен ефект на клубовите во трите европски купа, по што петтопласираните во тие првенства во минатата сезона, Болоња, односно Борусија Д., добија место во ЛШ сезонава

ФУДБАЛ – ПО ПРВИТЕ МЕЧЕВИ ВО ПЛЕЈОФОТ

Со победите на Реал Мадрид, Сосиедад и на Бетис во плејоф-дуелите во трите европски купа неделава, Шпанија изби на второто место на рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА), според кое, по завршувањето на сезонава две земји ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите (ЛШ) за идната сезона. Со тоа станува интересна трката за двете места, а на табелата и понатаму води Англија.
Сите три шпански тима славеа на гости во првите мечеви на плејофот, и тоа актуелниот европски првак Реал Мадрид го победи Манчестер сити во баражот за влез во осминафиналето на ЛШ, Сосиедад славеше на дуелот со Митјиланд во доигрувањето на Лига Европа (ЛЕ), а Бетис на мечот со Гент во плејофот на Конференциската лига (КЛ). Од Шпанија, која лигашката фаза во Европа ја почна со седум тима, директен влез во осминафиналето обезбедија Барселона и Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите и Атлетик Билбао во Лига Европа.
Англија е единствената земја што во игра ги има сите клубови што ја почнаа сезоната (вкупно седум), од нив Ливерпул, Арсенал и Астон вила директно се пласираа во осминафиналето на најсилното клупско натпреварување во Европа, Манчестер јунајтед и Тотенхем се меѓу 16-те најдобри во Лига Европа, а Челси е во осминафиналето на Конференциската лига. На табелата на УЕФА, Англија и понатаму води, сега со коефициент 20,892, пред Шпанија со 18,034, Италија, која пред почетокот на плејофот беше втора, со 17,687, Германија со 15,421, Португалија со 15,350, Франција 14,214…
Во минатата сезона двете земји со најдобар вкупен ефект на клубовите во трите европски клупски натпреварувања беа Италија и Германија, по што петтопласираните во тие првенства во минатата сезона, Болоња, односно Борусија Дортмунд, добија место во Лигата на шампионите сезонава.
УЕФА го пресметува коефициентот на секоја земја врз основа на резултатите на клубовите во ЛШ, ЛЕ и во КЛ, со собирање на бодовите што ги освоиле сите нејзини клубови во сезоната во сите три купа и потоа тој број се дели со бројот на клубови од таа земја што учествувале во трите клупски натпреварувања на УЕФА. Два бода се доделуваат за победа (еден бод за квалификациски натпревари) и еден за реми (половина за квалификации). Има и бонус-поени, врз основа на пласманот на клубовите на табелите во лигашката фаза, како и за секој влез во осминафиналето, четврт-финалето, полуфиналето и во финалето (по 1,5 бод во ЛШ, еден во ЛЕ и половина бод во КЛ), пишува УЕФА. Н.М.