Фото: ЕПА

На првиот клупски мундијал в година во САД ќе играат 32 тима. Европа има 12 места, веќе се пласираа Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси како континентални шампиони, а Баерн, Пари Сен Жермен, Интер, Порто и Бенфика преку рангирањето во Европа. Од другите четири места, едно е за победникот на Лигата на шампионите сезонава (освен ако не е некој од веќе пласираните клубови) и три (или четири) преку рангирањето

Квалификациите за првото издание на новото врвно клупско натпреварување на Светската фудбалска федерација (ФИФА), клупското Светско првенство (СП) в година во САД, се во тек со многу клучни натпревари што ќе се играат во текот на следните недели. Во новото натпреварување ќе играат 32 екипи од секоја од шесте конфедерации. Досега 19 клуба го обезбедија пласманот на СП 2025, Океанија е единствената конфедерација што нема повеќе места за пополнување, но има во Европа, Азија, Јужна Америка, Северна Америка и во Африка, пишува ФИФА.
Европа ќе има 12 клуба, а осум веќе се квалификувани. Така, на СП 2025 ќе играат Манчестер сити (Англија), Реал Мадрид (Шпанија) и Челси (Англија) како континентални шампиони, а Баерн (Германија), Пари Сен Жермен (Франција), Интер (Италија), Порто (Португалија) и Бенфика (Португалија) преку рангирањето во Европа, пишува ФИФА. Тоа значи дека има уште четири места на располагање, и тоа едно за победникот на Лигата на шампионите сезонава, освен ако не е некој од веќе пласираните клубови и три (или четири) преку рангирањето. Во Лигата на шампионите, од Италија се активни Наполи и Лацио (ИТА) и можат да го зацврстат своето место со победа во натпреварувањето. Тие можат да се квалификуваат и преку рангирањето. Бидејќи Интер веќе има обезбедено место, а најмногу два клуба од една земја можат да се пласираат преку тој пат, само еден од Јувентус, Наполи и Лацио може да се пласира на СП преку рангирањето, пишува ФИФА. Од Шпанија, Атлетико Мадрид, Барселона и Сосиедад се во игра да ја претставуваат таа земја на СП 2025, приклучувајќи му се на Реал Мадрид. Од Германија тоа се Борусија Дортмунд и Лајпциг, покрај Баерн како германски претставник на Мундијалот за клубови. Од Австрија кандидат е Салцбург, кој моментално е рангиран на 18-то место на европската ранг-листа и би можел да има корист од правилото според кое најмногу два клуба од една земја можат да се пласираат на СП 2025, освен ако има три различни победници на Лигата на шампионите од иста земја, пишува ФИФА.
Азија има четири места на СП 2025, а Ал Хилал (Саудиска Арабија) и Урава редс (Јапонија) веќе се пласираа, откако ја освоија Лигата на шампионите на Азија во сезоните 2021/2022 и 2022/2023, пишува ФИФА. Од другите две места, едно е за победникот на годинашната Лига на шампионите, а другото за клуб преку патеката за рангирање. Јеонбук (Јужна Кореја), Улсан (Јужна Кореја) и Ал Наср (Саудиска Арабија) се трите клуба што се во трка за да се пласираат преку рангирањето, при што тие имаат шанса да се пласираат и како победници на Лигата на шампионите (сега се игра четврт-финалето), пишува ФИФА.

Африка ќе биде претставена со четири екипи на СП за клубови, а две места се веќе обезбедени, а тоа се победниците на Лигата на шампионите на Африка за сезоните 2020/2021 и 2022/2023, Ал Ахли (Египет), и на сезоната 2021/2022, Видад (Мароко). Победниците на тековното издание на Лигата на шампионите на Африка, чија групна фаза ќе биде завршена утре, ќе заземат едно место, а најдоброрангираната екипа ќе го освои четвртото, пишува ФИФА.
Северна Америка има четири места на располагање на турнирот, плус дополнително место резервирано за тим од САД како земја домаќин. Монтереј (Мексико), Сиетл (САД) и Клуб Леон (Мексико) веќе се пласираа откако го освоија Купот на шампионите во 2021, 2022 и 2023 година. Четвртото место ќе им припадне на победниците на Купот на шампионите за годинава, кој уште е во фазата на првото коло. Со оглед на тоа што Монтереј е уште активен во Купот на шампионите за годинава, останува можноста за пет клуба да обезбедат место на Мундијалот преку патеката за рангирање, Филаделфија (САД), Колумбус (САД), Лига Депортива (Костарика), Њу Ингланд (САД) и Депортиво Саприса (Костарика), пишува ФИФА.
Шест места ѝ се доделени на Јужна Америка за СП 2025, а бразилските клубови ги обезбедија првите три, и тоа Палмеирас (победник на Копа либертадорес во 2021 година), Фламенго (2022) и Флуминенсе (2023). Останува уште едно место за победникот на Копа либертадорес за 2024 година (сега се играат квалификациите), како и две места преку патеката за рангирање. Како што стојат работите, Бока јуниорс (Аргентина), Ривер Плата (Аргентина) и Клуб Олимпија (Парагвај) се првите три екипи што ги исполнуваат условите, но цел континентален турнир допрва ќе се игра, поради што сликата во Јужна Америка би можела да се менува, пишува ФИФА.
Окленд сити (Нов Зеланд) го обезбеди единственото место од Океанија со недостижното водство на ранг-листата на клубовите од Океанија. Тој клуб ги освои последните два турнира во Лигата на шампионите. Н.М.