Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако навистина толку строго и принципиелно го почитуваме меѓународното право и го ставаме пред/над внатрешното право, при што своите граѓани ги ставаме во подредена позиција во врска со патните исправи, одземајќи го нивното демократско човеково право на слободно движење, тогаш како може да си дозволиме со интервенција во домашните закони (на пр. Законот за амнестија од 2002 или автентичното толкување на тој закон од 2011 година) да се негираат меѓународните договори околу воените злосторства?! Кој тоа дозволува така да си играме држава со двојни аршини и на начин како што некому партиски ќе му конвенира?!

За контроверзноста на образложението дека „продолжувањето на рокот на
патните исправи значи непочитување на меѓународните договори“ бидејќи тие биле „над внатрешното право“

Владејачкото мнозинство не ги поддржа измените на Законот за патни исправи со што требаше да биде продолжен рокот на важност на старите патни исправи, исто онака како што претходно тоа беше направено со возачките дозволи, образложувајќи ја својата одлука со почитување на меѓународните договори.
Имено, во Преспанската спогодба, свесно или несвесно, некој дозволил да се вметне одредба со која рокот на важност на патните исправи, личните карти, возачките и сообраќајните дозволи со старото име Република Македонија ќе истече пет години по потпишувањето на документот во Нивици, со што сопствените граѓани ги ставил во незавидна позиција, без оглед што имаат важечки документи да не можат да ги користат по 12-ти февруари и на тој начин да бидат спречени да патуваат надвор од државата.
Ставот на власта е дека измените се косат со Уставот бидејќи Преспанскиот договор е меѓународен договор, кој е дел од внатрешниот правен поредок на земјава и не може да се менува со закон.
– Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон – изјави претходно претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Играрии на македонските власти: Еднаш ќе почитуваме меѓународни норми, еднаш – нема!

Дел од експертите по меѓународно право се согласуваат дека меѓународните договори не можат да се менуваат и прекршуваат, но посочуваат дека Македонија е обврзана, ако веќе е толку доблесна во спроведувањето на меѓународното право, да го почитува тоа докрај.
– Меѓународните договори мора да се почитуваат бидејќи се засноваат на меѓународното право, така што ако Македонија сака да го почитува меѓународното право, тогаш не смее да заборави дека со оневозможувањето 650 илјади граѓани слободно да патуваат надвор од државата го прекршува меѓународното право, кое се однесува на основното човеково право на слобода на движење. Потоа, Македонија го прекршува и меѓународното право така што ги игнорира препораките на Советот на Европа околу повторното отворање на четирите хашки случаи, оти меѓународните договори за воени злосторства не познаваат застарување на случаи на воени злосторства против цивили. Значи не може да постои дволичност, од една страна да почитуваш меѓународен договор со Грција, а да не почитуваш меѓународна обврска од ОН и од Советот на Европа – прецизираат експертите во делот на меѓународното право.
Според нив, власта самата се фатила во замката околу почитувањето на меѓународните договори.
– Сега да земат тие 650 илјади македонски граѓани да ја тужат државата во Стразбур за загрозување на нивното основно човеково право на слободно движење, ќе добијат, бидејќи меѓународното право е на нивна страна. Истото тоа ќе се случи и со хашките случаи. Не може со интервенција во домашните закони, како што е автентичното толкување, да се негираат меѓународните договори околу воените злосторства. Принципот е ист, ако се почитува меѓународното право, се почитува во целост, а не само тогаш кога некому му одговара – посочуваат експертите.
Понатаму уште додаваат дека последните години има целосна ерозија на почитувањето на меѓународното право и воопшто на меѓународните договори од сите страни.
– Многу меѓународни договори се заборавија. Војната во Украина почна откако се напуштија меѓународните договори од Минск. САД го напуштија меѓународниот договор за климата од Париз затоа што заклучија дека тоа е спротивно на нивните интереси. И други земји се повлекоа од меѓународни договори или делумно адаптираа некои одредби во согласност со нивните интереси. Не велам дека Македонија треба да ги напушта договорите, туку да наоѓа решенија што ќе бидат во интерес на граѓаните. Нема потреба да се правиме поголем папа од папата, кажувајќи дека меѓународниот закон бил повисок од домашната легислатива и во такви рамки да не изнаоѓаме некакви решенија. И Грција не ги почитува одредбите од Преспанската спогодба, па никому ништо. Грција не ја испочитува ниту пресудата на Меѓународниот суд на правдата, а Бугарија не спроведува пресуди од Европскиот суд за човекови права. Сѐ се тоа работи поврзани со меѓународното право, но секој си ги гледа сопствените интереси – истакнуваат експертите.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, се согласува дека со внатрешна законска интервенција не може да се промени меѓународен договор, но дека постојат други алатки со кои може да им се помогне на граѓаните.
– Со домашен закон не може да се модифицира меѓународен договор! Она што може, тоа е да се прати дипломатско писмо до Грција и до сите релевантни адреси дека од технички причини ќе се продолжи валидноста на постојните пасоши без деноминаторот „Северна“ (обврзувачка референца) и по 12. 2. 2024! Само така се решава проблемот со пасошите и личните документи – објаснува Јанев.