Португалските љубители на фудбалот се уверени во пласманот на нивната репрезентација на Светското првенство во Катар, судејќи според резултатите од анкетата на португалскиот весник „А Бола“, која ги прашува дали Португалија ја победи Македонија во финалето на баражот во вторник. Но коментарите во прилог покажуваат незадоволство во тамошната јавност од работата на селекторот Фернандо Сантош, како и од присуството на натурализираните Бразилци во португалскиот состав.
Вкупно 87,2 отсто од учесниците во онлајн-анкетата на „А Бола“ сметаат дека Португалија ќе слави во дуелот во Порто, наспроти 12,8 отсто кои не веруваат дека нивната селекција ќе се квалификува на Мундијалот.
Португалскиот селектор Фернандо Сантош е под притисок на тамошната јавност уште по поразот од Србија на домашен терен 1-2 во решавачкиот дуел од групната фаза на квалификациите за СП, по која Португалија заврши во баражот како второпласирана во групата A.
– Можеме да зборуваме за Фернандо Сантош, не ни се допаѓа повеќе. Неговите мечеви и тактики не се најубави“, „како Португалец се надевам дека Португалија нема да победи. Со овој тренер сме многу слаби. Вчера повторно имавме среќа“ – гласат дел од коментарите против португалскиот селектор.
Натурализираните Бразилци во португалскиот состав немаат поддршка од дел од навивачите, наспроти тоа што Португалија и претходно имаше фудбалери родум од Бразил, меѓу кои најпознат е Деко, кој со Порто ја освои Лигата на шампионите во 2004 година.
– Се додека овие Бразилци се тука, репрезентацијата може да загуби, всушност, се надевам дека ќе загубат од Македонија. Толку многу португалски таленти и тие бараат странски играчи кои доаѓаат само затоа што не ги сакаат во нивната земја – се наведува во еден од коментарите.
Отавио и Матеус Нуњез кои се родум од Бразил, беа меѓу клучните фудбалери во синоќешната победа на Португалија над Турција од 3-1. Отавио го постигна првиот и асистираше за вториот гол на Португалија, а Матеус беше стрелец на третиот погодок со кој беше решен победникот. Се очекува овие фудбалери да имаат значајна улога и во претстојниот натпревар против Македонија.