По 25 кола, Борнмут е петтопласиран во Премиер-лигата на Англија, место што можеби ќе биде доволно за пласман во Лигата на шампионите. Трансформацијата од Ираола на Борнмут е дело на контрасти – опуштеното, мирно, достапно присуство во клупскиот тренинг-камп се претвора во огнена интензивна личност кога е на клупата. Борнмут сезонава ги победи, на пример, Арсенал, Манчестер сити и Нотингем форест дома, како и Манчестер јунајтед и Њукасл на гости
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Борнмут се искачи на петтото место во англиската фудбалска Премиер-лига со победата со 3-1 на дуелот на гости кај Саутемптон во дербито на јужниот брег, а петтото место можеби ќе биде доволно за пласман во Лигата на шампионите. Предводник на Борнмут од клупата е Андони Ираола од Шпанија. Трансформацијата на Ираола на Борнмут е дело на контрасти – опуштеното, мирно, достапно присуство во клупскиот тренинг-камп се претвора во огнена интензивна личност кога е на клупата, пишува „Би-би-си“. Борнмут сезонава ги победи, на пример, Арсенал, Манчестер сити и Нотингем форест дома, како и Манчестер јунајтед и Њукасл на гости.
Ираола е вљубен во велосипедизмот, толку многу што додека ги подготвуваше своите играчи во првата претсезона во нивниот тренинг-камп во Марбеља, тој побара од клупскиот персонал на големиот екран да оди пренос од Тур де Франс, пишува „Би-би-си“. Педантната работа на Ираола го означува како еден од извонредните млади тренери во лигата, некој што покажал желба да ги носи таканаречените аутсајдери во арената каде што се надигруваат со големите имиња, откако тој го одведе кипарскиот тим АЕК Ларнака во групната фаза на Лига Европа само вторпат, шпанскиот Мирандеш го изведе на сигурно од долниот дел на Втората лига и до полуфиналето на Купот на Шпанија, а пред тоа го направи стандарден Рајо Валјекано по промоцијата во Ла лига, победувајќи ја патем Барселона, пишува „Би-би-си“.
Ираола, скромен и насмеан, сега го презеде статусот херој во Борнмут. Не е ни чудо кога навивачите можат да гледаат фудбал со ваков квалитет. Оние околу клубот се восхитуваат на опуштениот начин на Ираола пред натпреварите, среќен да разговара со персоналот во неговата канцеларија 20 минути пред почетокот, додека загревањето продолжува на теренот. Неговата љубов кон онлајн играта наречена „Фудбалско бинго“ се користи како релаксирачка пауза од анализите со неговиот тим во заднина во текот на неделата, пишува „Би-би-си“. А подалеку од теренот за тренинг, возењето велосипед е уште една форма на релаксација. Теренот за тренинг е местото каде што тој цвета, работејќи заедно со две поранешни ѕвезди на Борнмут, Томи Елфик и Шон Купер. Тој го донесе сонародникот Пабло де ла Торе со себе кога беше назначен, но не ја следеше вообичаената шема на прилив на персонал, дури и откако неговиот план да го назначи Иниго Перез, сега тренер во Рајо Ваљекано, беше одбиен поради прашањата за работната дозвола. На Ираола му беа потребни 10 натпревари за да ја оствари првата победа во лигата, но надворешните шпекулации никогаш не беа пресликани во клубот. Оние што беа внатре прифатија дека тој имаше тежок почеток, со натпревари против екипи како Ливерпул, Тотенхем, Челси и Арсенал во тој воведен период. Оние во Борнмут видоа доволно за да ја оправдаат својата доверба во човекот што, на изненадување на многумина, го замени отпуштениот Гери О’Нил, пишува „Би-би-си“.
Тимот на Ираола сака брзо да влегува во противничката половина, а потоа, потпирајќи се на поседот што го има или притискајќи преку жесток пресинг, создава опасност. Борнмут имаше серија од 11 натпревари без пораз. Ираола сака неговите играчи да бидат тактички паметни и физички на својот врв. Тој се гордее со тоа што секој играч ја знае неговата улога, има единство во мислата и во целта, што можеби најдобро се покажа кога Рајан Кристи го замени Маркус Таверние во победата на мечот со Арсенал во октомври, инстинктивно заземајќи го местото на неговиот тимски колега во сложена рутина од тренинзите при слободен удар што му го донесе првиот гол.
Ираола ги намалува разговорите за настап во европските купови.
– Не ја гледам позицијата во моментов. Продолжувам со истиот дух, 43 бода се добро количество, но ни требаат уште многу. Мора да се фокусираме на следните натпревари. Да видиме до каде сме и подоцна во сезоната да го погледнеме пласманот. Рано е. Дефинитивно ги заслужуваме резултатите што ги имаме. Не е сигурно дека ќе настапувате на ист начин до крајот. Ако играме на ист начин, ќе бидеме таму и ќе бидеме блиску. Но, тешко е да се остане на ова ниво до крајот на сезоната – вели Ираола. Н.М.