ФУДБАЛ
Тие веќе освоија една европска титула годинава, со Реал Мадрид, а ако слават и на ЕП 2024 ќе се најдат на листата на која веќе има 10 фудбалери што во иста година биле континентални прваци со клуб и со репрезентација
Шпанците Дани Карвахал, Начо и Хоселу и Англичанецот Џуд Белингем имаат можност утре да освојат несекојдневна двојна круна, ако триумфираат со својата репрезентација на Европското првенство (ЕП) во фудбал во Германија. Тие четворица веќе освоија една континентална круна годинава, играјќи за шпанскиот Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите, а ако слават со репрезентацијата ќе влезат во елитниот клуб, во кој веќе има 10 фудбалери, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА).
За да се квалификуваат како „двојни победници“, фудбалерите мора да се појават во двете победнички финалиња, пишува УЕФА. Според тој критериум, кандидати за оваа двојна круна годинава беа вкупно девет фудбалери што играа за Реал Мадрид и за своите репрезентации на годинашното Европско првенство во Германија.
На оваа трофејна листа се Шпанецот Луис Суарез (во 1964 година првак со Интер и со Шпанија), Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург (во 1988 година станаа шампиони со ПСВ Ајндховен и со Холандија), Фернандо Торес, Хуан Мата (во 2012 година беа прваци со Челси и со Шпанија), Кристијано Роналдо, Пепе (во 2016 година славеа со Реал Мадрид и со Португалија) и Жоржињо (во 2021 година беше првак со Челси и со Италија). Н.М.