Канзас сити карент, чиј тренер е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, го заврши домашниот дел од регуларната сезона во првенството на САД (НВСЛ) за фудбалерки со стил, со победа на дуелот со Сан Диего со 4-1. Темва Чавинга влезе во историјата на лигата со својот 20-ти гол во регуларниот дел од сезоната, зголемувајќи го својот рекорд во една сезона во првенството на САД. Со тоа таа е и првата фудбалерка во историјата што постигнала гол против сите 13 други тимови во една сезона, пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница. Со посетеност од 11.500 гледачи на тој меч, Канзас сити стана првиот тим во историјата на американската лига што ги распродаде билетите за сите домашни натпревари. Канзас сити во регуларната сезона постигна 54 гола со што израмни рекорд на лигата, а со уште еден меч од регуларниот дел од сезоната, тимот има можност да биде најефикасен во историјата на НВСЛ.
– Очигледно, беше неверојатна година. Како што кажавме претходно, каде беше тимот минатата година и каде е сега, е доказ за тоа што овие играчи можеа да направат. Новите играчи што дојдоа добро се вклопуваат и ни помогнаа да изградиме тим и да настапиме на начин што кога тимовите доаѓаат на стадионот, стравуваат од нас. Ја користиме енергијата од навивачите, ја користиме енергијата на стадионот, имаме одлични играчи и одличен тим и го користиме тоа во наша предност за да одиме што подалеку – рече Андоновски, за клупската интернет-страница. Н.М.