Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ

Норвежанецот Ерлинг Холанд одново импресионира на свое деби во некое фудбалско натпреварување. Така, во неделата тој ги постигна двата гола за Манчестер сити, со 2-0, на гостувањето кај Вест хем во Лондон, во првото коло на новата сезона во англиската Премиер-лига, во неговиот прв настап за неговиот нов клуб во првенствена средба, по трансферот летово од Борусија Дортмунд од Германија.
Холанд го постигна првиот гол од пенал, направен врз него, а потоа погоди и по одличната асистенција од Кевин де Брујне. Холанд постигна погодок и во првиот воопшто меч за Манчестер сити, во јули, во пријателски натпревар.
До неодамна норвешкиот репрезентативец играше за Борусија Дортмунд, каде што во дебито за тој клуб, во јануари 2020 година, постигна хет-трик (три гола) за 23 минути, откако во игра влезе во второто полувреме на средбата со Аугсбург. Според некои податоци, Холанд е првиот играч на Борусија Дортмунд што постигнал гол на деби-мечевите за тој клуб во Бундес-лигата, Лигата на шампионите и во Купот на Германија.
Тој постигна хет-трик и во неговиот прв меч воопшто во Лигата на шампионите, тогаш за австрискиот Салцбург, на дуелот со Генк од Белгија (сите три гола ги постигна во првото полувреме). Постигна гол и на првиот натпревар во дресот на Молде, во Купот на Норвешка, во април 2017 година, на 16-годишна возраст, а два месеца подоцна ја затресе мрежата и во првенственото деби, за победа на неговиот клуб, шест минути по влегувањето во игра.