Статистичкиот пакет е огромно досие со огромно количество податоци што оди во детали за секој аспект од играта и може да има до 25.000 збора. Вклучува информации за секој тим, нивната историја и неодамнешна форма, секоја средба помеѓу двата тима, за секој играч на двата тима, за рекордите на менаџерите…

Пред кој било меч во англиската фудбалска Премиер-лига, статистичарот составува документ од 25.000 збора. Луѓето пред ТВ-екраните не го знаат неговото лице или име, но многупати уживаат во неговата работа гледајќи фудбалски мечеви. Како хонорарен новинар и асистент продуцент, Дејв, како што се претставува, работи, меѓу другото, за „БT спорт“ и за „Премиер-лига продукција“, компанијата одговорна за емитување на мечевите од Премиер-лигата низ целиот свет. Тој е еден од армијата статистичари што обезбедуваат широк спектар факти и бројки за оние што работат пред или зад камерата.
Дејв ја почнал кариерата во Шпанија, како дел од студиите по спортско новинарство, работејќи за ТВ Реал Мадрид, пред да ѝ се приклучи на „Сансет и Вајн“, продукциската куќа што стои зад „БТ спорт“, кога го почна фудбалското покривање во 2013 година. Неговиот фокус првенствено е насочен на составување статистички пакет за секој меч, кој е огромно досие со огромно количество податоци што оди во детали за секој аспект од играта. Вклучува информации за секој тим, нивната историја и неодамнешна форма, секоја средба помеѓу двата тима, за секој играч на двата тима, за рекордите на менаџерите итн. Типичен пакет во Премиер-лигата за еден дуел може да има 25.000 збора, а коментаторите може да користат само еден отсто од материјалот. Дејв ужива во анонимноста, но повремено, иако ретко, го спомнуваат, како неодамна за време на прегледот на головите во Лигата на шампионите (ЛШ). Има многу интеракција помеѓу коментаторите, продуцентите и статистичарите, пред натпреварот, за време на натпреварот и во анализата по натпреварот. Скриените детали ја прават разликата, така што, кога ќе се случи нешто, треба да се биде брз и точен.

„Опта“ почна да собира обемна статистика дури во сезоната 2006/2007, но спортскиот коментатор Питер Друри се потпира и врз други извори кога се навраќа во историјата.
– Претплатен сум на Англиската национална фудбалска архива (АНФА), која ги има сите поставки од почетокот на фудбалската лига и е мојот доверлив извор за историски информации – вели тој.
АНФА содржи детални информации, според најновото пребројување, за 234.182 натпревари и за 46.151 играч, почнувајќи од првата сезона во фудбалската лига, од сезоната 1888/1889. Кокоментаторите се нешто поинакви.
– Некои сакаат да го знаат секој детаљ, бидејќи сакаат да избегнат да бидат распарчени на социјалните мрежи, додека други не се особено заинтересирани. Еден од кокоментаторите се мачеше да го именува левиот бек на една голема европска екипа што играше со англиски клуб – вели Дејв.

Но, како што вели Друри, постои рамнотежа помеѓу тие две улоги.
– Не е нивна работа да ги знаат дреболиите. Како поранешни играчи, тие се таму за да објаснат како се случило нешто, увид што можат да го дадат само оние што играле натпревари на највисоко ниво. Додека ние, коментаторите, опишуваме кој, каде, што и кога – рече тој.
Како и Дејв, Крис Мур работи за „Сансет и Вајн“. Од негов агол како продуцент, тој на статистичкиот пакет гледа како на удобно ќебе.
– Тоа ми помага да сфатам нешто што можеби сум го пропуштил и ми дејствува како референтна точка во текот на натпреварот – вели Мур.
Мур секогаш ги чита првите неколку страници, бидејќи тие даваат резиме и материјал за тоа што му треба во најпогодниот момент. „Во минатите неколку години фудбалот стана игра со бројки. Вистинскиот предизвик доаѓа во текот на играта. Тоа се моментите кога навистина треба да бидеме подготвени“.