Кениецот Кипчоге, кого го нарекуваат Усеин Болт на маратонските трки, постави нов светски рекорд на трката во Берлин, каде што се поставени последните седум светски рекорди во маратон во минатите 15 години

Кениецот Елиуд Кипчоге (33) пред една недела во Берлин постави нов светски рекорд во маратон, 2:01,39 часа. Кипчоге лани во мај на маратонот во Монца, Италија, исто така, истрча рекордно време (2:00,25 часа), но Интернационалната атлетска асоцијација (ИААФ) не го ратификува поради административни причини, бидејќи тоа и не беше класична маратонска трка, затоа што како т.н. пејсмејкер (одредувач на ритам на трчање) се користел автомобил.

– Мојата цел беше соборување на светскиот рекорд, имав добро чувство пред трката. Во Берлин трчав 2:04, па 2:03, сега 2:01 часа. Којзнае што ќе донесе иднината? Благодарен сум им на моите тренери, на моите менаџери за помошта. Дефинитивно ќе се вратам во Берлин, тој за мене е незаборавен – рече Кипчоге, кој за триумфот во Берлин ќе добие 50.000 евра, уште толку за поставувањето нов светски рекорд, плус парични бонуси од многубројните спонзори.

За познавачите на состојбите во светското маратонско трчање ова постигнување на Кипчоге, олимпискиот шампион од Рио во 2016 година, не е изненадување. Тој победи на 10 од последните 11 маратони (беше поразен само во Берлин во 2013-та) на кои учествувал, триумфирајќи девет пати во низа, што ретко кому му успеало досега, со подобри времиња на секоја следна трка. Кипчоге го нарекуваат и Усеин Болт на маратонот, поради супериорноста.

Во 2015-та Кипчоге победи во Берлин, и покрај проблемите со патиките, со време од 2:04,00 часа. Лани повторно беше најдобар, истрчувајќи ја патеката за 2:03,32 часа, што беше добра најава дека рекордното време на неговиот сонародник Денис Кимето (2:02,57 часа), од 2014-та, е во опасност.
Последните седум светски рекорди во маратон во минатите 15 години (осум од последните 10 светски рекорди од 1998 година досега) биле поставувани токму во Берлин, од тркачи од Кенија и од Етиопија.

Едно од објаснувањата за рекордот на Кипчоге, кого го сметаат за еден од најдобрите, ако не и најдобар маратонец на сите времиња, се речиси идеалните услови за трчање во Берлин. Времето на 16 септември било променливо облачно, температурата на воздухот изнесувала помеѓу 13 и 20 степени, со слаб ветер, кој по 20-от километар им дувал во грб на маратонците.

Покрај временските услови, Берлин се смета како идеален за соборување рекорди и поради рамната патека со само неколку свиоци. Стартот е на 38 метри надморска височина, а патеката никогаш не е повисока од 53 метри или понска од 37 метри. Во Берлин се трча по асфалт, а не по бетон, што, исто така, им е помош на маратонците, затоа што имаат помалку проблеми со зглобовите. Во Лондон, за споредба, има многу свиоци, на тркачите често ветерот што доаѓа од Темза им дува во гради. Во Бостон, пак, целната рамнина е многу пониско од почетокот и патеката не е погодна за поставување светски рекорди. 

Кога под два часа?

Мислењата се дека ќе помине уште многу време, години, па и децении, за да се собори рекордното постигнување на Елиуд Кипчоге од 2:01,39 часа и евентуално да се пробие бариерата од два часа. За овие тврдења како доказ се посочуваат рекордите на Болт на 100 и на 200 метри, кои опстојуваат девет години. Светскиот рекорд на 1.500 метри на Мароканецот Хишам Ел Геруч (3:26,00 минути) е стар 15 години, а на Кенениса Бекеле од Етиопија, на 5.000 (12:37,35) и на 10.000 метри (26:17,53), опстојуваат 14, односно 13 години.
Во маратон светските рекорди официјално се мерат од 1908 година, кој изнесувал 2:55,18 часа, па за 110 години светскиот рекорд е подобрен за околу 54 минути.


За рекорд – рамна патека и добро време

Она што го издвојува маратонот во Берлин од другите пет светски главни, т.н. мејџорс-маратони (Њујорк, Бостон, Чикаго, Лондон и Токио – н.з.), е речиси идеалната, рамна патека, без многу скршнувања, како и временските услови во овој период од годината. Друг битен елемент се и наградите, односно бонусите што организаторите им ги нудат на најдобрите светски маратонци за да трчаат таму. Не случајно Елиуд Кипчоге истрча ново рекордно време, тој тоа се обидуваше да го стори со години и, ете, конечно му успеа. Преостанатите пет главни маратони можеби се со поголема традиција и популарност, но трасите каде што се трча се потешки, со многу искачувања и спуштања, многу скршнувања, а и времето не е баш идеално за трчање, вели директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.