Познатиот режисер Гвидо Анселми се буди по вознемирен, клаустрофобичен и акрофобичен сон. Тој закрепнува пред снимањето на новиот филм, проект што го исполнува со целосна неизвесност. И додека се одвиваат последните подготовки за реализација на филмот, чија содржина сѐ уште е доведена во прашање, неговата состојба се влошува поради нерасчистените односи со жените. Продуцентите го брзаат, критичарите го исполнуваат со сомнежи, новинарите се сè понаметливи, па неговото искуство со реалноста сè повеќе се испреплетува со соништата и визиите, а сегашноста со минатото… Накратко, ова е содржината на филмот „Осум и пол“ на италијанскиот режисер Федерико Фелини, чиј наслов годинава слави 60-годишнина.
Како што се сеќава Адам Сковел во својот текст, филмскиот критичар Роџер Еберт истакнал дека тоа е најдобриот филм за правењето филмови што е снимен. Филмот на Фелини влијаеше на цела генерација филмаџии во 1970-тите и 1980-тите и продолжува да инспирира. од неговиот фантастичен портрет на филмската продукција се инспирирани од Дејвид Линч до Гиљермо дел Торо. Членот на Монти Пајтон и режисер Тери Гилијам е меѓу најголемите обожаватели на филмот „Осум и пол“.
– Филмот „Осум и пол“ е суштината на кинематографијата – рече Гилијам во една епизода на Би-би-си (1995), кога беше побарано да избере омилен момент од киното.
Повеќе од 25 години подоцна, Би-би-си се сретна со Гилијам за да разговараат за филмот на Фелини уште еднаш.
– Првпат го видов „Осум и пол“ кога излезе во раните 1960-ти. Бев во Њујорк и во тој момент откривав европски филмови. Мојата непосредна реакција беше дека тоа е најјасната, најискрената и највистинската претстава за тоа како е да се режира филм, а јас тогаш немав режирано филм. Но се покажа дека е точно – рекол тој.
Филмот несомнено го красат визуелниот сјај и примамливата кинематографија на Џани ди Венанца. Тоа беше последниот филм на Фелини снимен во црно-бело, а тоа е креативен избор што изгледа особено соодветен – острите визуелни слики со висок контраст носат сè, од хаубата на автомобилот до неверојатно полираните чевли на Гвидо со стилски шмек. Општественото милје со кое се занимава филмот покажува дека Фелини природно си поигрува со светкавите соништа за потрошувачката.
– Фелини го прекрши секое правило што може да се прекрши. Ги направи работите што не требаше да ги направи и успеа! Отфрлајќи го кинематографскиот правилник, тој беше радикален, но несомнено кул – заклучи Гилијам.
Филмот е снимен во 1963 година, а сценариото го напишале Федерико Фелини, Тулио Пинели, Енио Флајано и Брунело Ронди. Директор на фотографија е Џани ди Венанцо, а автор на музиката Нино Рота. Улогите ги играат: Марчело Мастројани (Гвидо Анселми), Анук Еме (Луиза Анселми), Сандра Мило (Карла), Клаудија Кардинале (Клаудија) и др.