Фото: Архива

Според општествено-политичките теории, реконструкцијата на Владата во најголема мера е политичка процедура што не треба да ја загрозува функционалноста на административно-управувачкиот систем на државата, т.е. на институциите. Сепак, во седмицата кога започна собраниската расправа за реконструкција на Владата се случија низа „совпаѓања“ на одредени ситуации, кои ги наметнаа прашањата дали станува збор за инцидентен сплет на околности или застојот на институциите е директна последица на состојбата „влада под реконструкција“

Неефикасноста на државните институции драматично се рефлектира во степенот на (не)доверба на граѓаните во нив

Пред објектите на Собранието и на Владата навистина нема поставено табла за информирање со натпис „реконструкција“, но Македонија веќе втора седмица и официјално е во процес и собраниска процедура на реконструкција на Владата, како резултат на нов коалициски договор. Сто и четвртата седница на Собранието, на која се расправа за оставки и разрешувања членови од претходниот владин кабинет, но и треба да се дискутира и да се гласа за новите кандидати, започна на 13 февруари и сѐ уште е во тек. Собранието претходно ги констатира оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Реконструкцијата на Владата е процедура што не треба да ја загрозува функционалноста на управниот систем на државата

Според општествено-политичките теории, реконструкцијата на Владата во најголема мера е политичка процедура што не треба да ја загрозува функционалноста на административно-управниот систем на државата, т.е. на институциите. Сепак, во седмицата кога започна собраниската расправа за реконструкција на Владата, во јавноста се откри дека поради оставката на министерот за правда е блокирана реализацијата на еврообврзницата од 600 милиони евра, односно дека, всушност, е пропадната целата претходна постапка. Експертите велат дека поведувањето нова постапка за добивање средства со еврообврзница ќе биде под поинакви построги услови.
Симптоматично станува што додека Владата е под реконструкција, хакиран е (беше) и системот на ФЗО, поради што здравствените работници во земјава не можат да добијат јануарска плата, но доцнат и исплатите на здравствените надоместоци за граѓаните. Во прилог на синдромот за нефункционалност на институциите се надоврзува и протестот на просветните работници пред Министерството за образование, кои се жалат дека се спречени да го завршат процесот за полагање менаџерски испит, за да стекнат соодветни лиценци за директори на училишта, студентски домови, граѓански центри… Ваквото совпаѓање на нефункционални системски ситуации ги наметнува прашањата дали станува збор за инцидентен сплет на околности или застојот на институциите е директна последица на состојбата „влада под реконструкција“?

Поради создаденаполитичка клима на општа неодговорност, институционалната криза постојано ескалира

– Првата реакција на актуелната состојба на институционален застој во Македонија, додека тече собраниската расправа за реконструкција на Владата, би била: дали се сеќаваме кога од осамостојувањето не сме биле во функционална криза на институциите? Ова совпаѓање на ситуациите, само појасно и поилустративно ја отсликува општата човечка, лидерска, хронична институционална криза во земјава, која постојано ескалира, поради создадена политичка клима на општа неодговорност! Многу е иронично, додека првите луѓе на Владата се на конференција за безбедност, во Минхен, во земјата да има состојба на хакиран систем на институција како Фонд за здравствено осигурување. Да не зборувам за безбедноста од аспект на порозноста на границите, на затворската управа… Доминира впечатокот дека извршната власт е лабава во однос на функционалноста на институциите, на кои неизбежно се упатени граѓаните, а единствено важно им е да си течат и да се спроведуваат тендерите – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Нема одговорност! Тоа е клучниот факт што треба да се исправи за „да заврти системскиот замаец“!

Миле Бошков, извршниот директор на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, смета дека главното прашање во ситуација кога не функционира државниот систем е дека треба некој да понесе одговорност. Во најголем број ситуации на нефункционалност на системот, одговорноста изостанала.
– Реконструкција на влада не е причина за нефункционалност на системот на државната управа и јавната администрација. Ќе потсетам на ситуацијата, кога Белгија речиси две години немаше влада, но системот на институции си функционираше според своите ингеренции. Главното прашање кога институционалниот систем ќе затаи, треба да биде – кој ќе понесе одговорност? Зашто секоја неодговорност, мора да се плати, а тоа се секогаш граѓаните – даночните обврзници. Сега, даночните обврзници на Македонија ќе ја платат поскапо и еврообврзницата од 600 милиони евра. Сепак, една ситуација е да се плаќа камата од 3 отсто, а потешка е каматата од 6 отсто. За жал, ни се наметнува констатацијата дека институциите во Македонија функционираат еднакво неодговорно и со влада и без влада. Само би прашал: дали една приватна фирма може да функционира како Владата, т.е. ако еден ден го нема директорот на работа, никој од вработените да не се појави на работното место? – вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата.

Неопходност властите одговорно да управуваат и да ги водат процесите за да биде системот функционален и во служба на граѓаните

Првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, укажува дека состојбата на институционална нефункционалност се должи на фактот што политичарите кога се на власт во Македонија одбиваат да прифатат дека тие се всушност системот, односно тие треба да го управуваат и да ги водат процесите, за да биде функционален.
– Самата постапка во Собранието што се води за реконструкцијата на Владата, дополнително деноминирана со нефункционалноста на институциите, е само уште една манифестација до кое ниво е еродиран системот на државното управување, да не речеме – распаднат. Почнувајќи од (не)функционалноста на Собранието, кое се пренесува и на (не)функционалноста на Владата, драматично се рефлектира во степенот на (не)доверба на граѓаните во институциите, во последнава декада. Како негативен прилог во растот на (не)довербата на граѓаните во институциите, секако, е пандемично зголемената корупција на сите нивоа во општеството. Политичарите во Македонија како да не сакаат да разберат дека тие се системот, односно одбиваат да прифатат дека треба одговорно да го управуваат и да ги водат процесите за да биде функционален и во служба на граѓаните. Логично е ако не умеат да управуваат со системот како што треба, или го водат на штета на интересот на граѓаните, да го напуштат кормилото и да понесат одговорност. Во спротивно ќе продолжи тонењето на државата. Во реалноста, сепак, не очекувам такво нешто. Поимот одговорност е заборавен во македонскиот политички амбиент. Не се сеќавам дека некој политичар во земјава, од 1995 година, поднел оставка – вели Александар Кржаловски.