Портрет на поетот на затворањето на „Струшките вечери на поезијата“
„Струшките вечери на поезијата“ се вклучија во одбележувањето на Годината во чест на Ацо Шопов, со повеќејазичен омаж во црквата „Света Софија“ во Охрид, на кој Елизабета Шелева изрече беседа за неговото дело
Елизабета Шелева
„Малите народи даваат големи поети“ – во една пригода неодамна изјавил починатиот книжевен великан Милан Кундера. Оваа констатација, меѓу другото, го опфаќа (и е применлива) и на самиот Ацо Шопов. Тој беше и остана голем поет, кому забот на времето не успеа да му украде, ниту да му одземе, ни трошка од поетската магија и убавина. Да беше роден во некоја од моќните западноевропски книжевни култури и традиции, Ацо Шопов несомнено ќе беше вграден како незаобиколен автор во тамошната училишна лектира и како неизоставен дел (припадник) на националниот книжевен канон!
Ацо Шопов зад себе (и нам ни) остави богато и респектабилно книжевно наследство: сплет од безвременски песни и мотиви, чии елементи и крилатици ги освоија срцата и паметењето на своите читатели, до таа мера што некои од нив навлегоа дури и во секојдневна (колоквијална) употреба (како што е тоа, на пример, случај со стиховите од прекрасната минијатура „Тишина“).
Како поет со несекојдневно суптилна природа и префинета сензибилност, Ацо Шопов високо ја ценеше и, за првпат кај нас, ја разоткри и на пиедестал ја постави естетската (и мистична) вредност што ја има тишината во поезијата – иако таа (тишина) на прв поглед можеби дејствува како нејзин антагонист!
И не само поради тоа, Ацо Шопов е нашиот прв поет-филозоф: прв поет меѓу филозофите или прв филозоф меѓу поетите во македонската современа лирика. Имено, уште пред 60 години, Ацо Шопов го искова моќниот неологизам во насловот на поетската збирка „Небиднина“. „Небиднината“, како универзален и повеќестрано загадочен топос, е испишана во дијалошка Ти-форма, во второ лице еднина – а нејзините корени нè водат сè до продлабочениот рефлексивен светоглед на Шопов (притоа непогрешливо откривајќи го неговиот академски профил, како филозоф по вокација).
Наспроти својата ретка, мисловно-контемплативна дарба и метајазична рефлексија, Ацо Шопов останува длабоко сензуален поет, со (вечно) разбранувана езерска душа и немирна космополитска природа. Оттука, во нашата поезија, за првпат одекнаа стиховите што ја величеа егзотичната убавина на црната жена, оставајќи незаборавна трага за раѓањето на космополитскиот ерос кај нас – како автентичен (локално отелотворен) пример за зрачењето на т.н. „негритуда“, поим што за првпат го воведе Еме Сезер, како носталгија и величење на полноправните вредности и силата што произлегува од африканската (или црната) култура и идентитет.
За сестрано и достојно расветлување на творечкиот профил на Шопов е незаобиколно да се спомене и продуктивното (та дури и од денешен аспект) егзотично пријателство што владееше меѓу Шопов и големиот поет и прв претседател на Сенегал, Леополд Седар Сенгор. Песната на Сенгор „Црна жена“ (настаната во слава на црната жена како симбол на богатата африканска култура) подоцна ќе прерасне во архитекст, значаен и за генезата на извонредната поетска збирка „Песна на црната жена“, инспирирана од престојот на Ацо Шопов како дипломат во Сенегал (1971 – 1975 г.). За оваа книга Шопов впрочем ќе ја добие и наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1976 година, додека пак големиот Л.С. Сенгор – само една година пред тоа – ќе се вброи (како прв поет од Африка) меѓу добитниците на „Златниот венец“.
Ацо Шопов беше смел застапник на космополитизмот во нашата поезија, при тоа останувајќи длабоко приврзан кон идејата за дијалектичко единство во релацијата меѓу татковината и светот (идеја смело загатната во стиховите од „Татунчо“ на Кочо Рацин)! Отаде, за поет како Шопов е сосема нормално и природно себеси да се идентификува со „бестатковинскиот“ ветар (како безгранична сила на природата), како во номадски интонираниот тон на стихот: „Овој ветар нема татковина“.
Од друга страна, Ацо Шопов, како непосреден свидетел при создавањето на македонската република и учесник во антифашистичката НОБ, еднакво е возбуден од осознавањето на фракталната (или холистичка) природа на соодносот меѓу делот и целината, како во стихот: „Откривајќи ја родината да го открие светот“. И не само тоа, денес, кога стоиме здомени во магичната прегратка на „Св Софија“, веднаш покрај брегот на најстарото (езеро) во светот, познато како Охридско Езеро – не можеме а да не си припомниме, со искрена носталгија, на езерската душа на Шопов.
Шопов, имено, во песната „Лов на езеро“ не го овековечи само езерото, овој пат „уловувајќи“ го како моќен геопоетички симбол и извор на уметничка инспирација – туку и самиот, пред светот, незаборавно ја растајни и сопствената, постојано гладна за убавина, душа! Оти, кој друг инаку би можел (или би се сетил) да го „лови“ она што е од бога дадено за да биде (и остане) неуловливо – ако не „дрскиот“ и за убавина постојано „настрвен“ (или како што нашите соседи велат „дрчен“) Поет, кому не му е доволно/достаточно дури ни тоа што има можност и (редок) талент лирски да го сведочи и да го обесмрти Езерото – туку „мора“ да повика и на лов (хајка) по Езерото, за трајно да го стегне, зграпчи и исцеди до капка, во својата сопствена, машка, несопирлива и пожедна, Дланка!
И, потем, со маѓепснички глас, великодушно да ни го принесе Езерото во песна: како непишана, а моќна заповед, која од искони низ шепот порачува: Carpe lacum (зграпчи го езерото), како што Римјаните од дамнина сакале „до капка“ да го испиваат животот. Оти, не самото Езеро, а всушност времето наше и животот наш е оној драгоцен (често недофатлив) миг, во кој струјат драгоцените пораки и блесоци на вечноста, со сета раскош и трагична убавина, препознаени во поетскиот „улов“ и зборот – Завет на Шопов.
Поезијата е трајно вкрстување на болката и радоста, доживотен белег и неотповиклива вокација, повиканост на говор. А Шопов личи на модерен Болен Дојчин, чиј последен, како и прв подвиг, е содржан во непобедливиот импресум на сетилноста и убавината, песната и доживотната преданост кон неа.
„Недочитливоста“ на оваа поезија е триумф и победа пред минливоста – моќен поттик одново да се думаме и во иднина маѓепсано да пребираме низ луцидните поетски бисери и езерски гатанки на Шопов.