Депонии во пламен ја задушија Македонија

„Гори депонијата кај Буково на патот за Охрид“, „Тетово се задушува од загаден воздух и неиздржлива миризба и чад“, „Затрупан влезот на градската депонија во Кочани“, „Депонијата во Визбегово се полни“, „Младината во Батинци повторно на протест со барање за затворање на депонијата Дрисла“.

Тоа се само мал број од насловите што во последно време беа на насловните страници на весниците и во ударните вести на електронските медиуми, за состојбата со загадувањето на воздухот и граѓаните во Македонија. Земјава и ова лето се задушува во чад, смог и неподносливи миризби што доаѓаат од депониите. Покрај огромниот број шумски пожари, кои ја зафатија Македонија, речиси нема ден да не се запали некоја депонија во градовите низ државата.

Депониите буквално горат на сите страни. Македонските пожарникари веќе не знаат каде најпрво да одат, дали да ги гаснат шумските пожари или пожарите во депониите.
И токму пожарите и актуелните случувања поврзани со депониите уште еднаш го актуализираа прашањето за нивното (не)постоење онака како што е тоа пропишано во цивилизираниот свет. Според податоците на некои еколошки здруженија, во Македонија има дури над 1.000 диви депонии. Но наместо нивниот број да се намалува, односно да се воспостави ред според светски стандарди со соодветни регионални депонии, бројот на несоодветните, или попрецизно, диви депонии, постојано се зголемува. За жал, барем засега, освен на хартија, многу малку, дури може да се рече речиси ништо не се прави за решавање на проблемот со депониите во државата. Попусто граѓаните на Македонија секојдневно молат за чист воздух. Но него никаде го нема, дури ни во природата, која е исто така загадена до горни граници.
Ситуацијата е повеќе од алармантна, укажуваат екологистите, кои не кријат дека полека, но сигурно ја губат битката за чист во воздух во државата.

Во настојувањето државата да се справи со загадувањето и депониите, во изминатиот период во Македонија се направени голем број програми, акциски планови и оперативни планови за решавање на овој проблем. Направени се и голем број проекти за изградба на современи депонии и за преработка на отпадот. Но сето тоа е мртво слово на хартија, бидејќи во практиката, освен мали исклучоци, нема ништо од тоа.
– Сѐ додека јавноста, граѓаните, па и државните институции гледаат на проблемот со дивите депонии како на нешто што не е битно, проблемот со загадувањето нема да се реши – изјави во една пригода Душко Христов, национален координатор на еколошкото здружение „ЕНВнет“, организација што повеќе од 1,5 деценија работи во секторот на екологијата и заштитата на животната средина.

Според Христов, систематскиот третман на отпадот е еден од проблемите што мора посебно да бидат истакнувани за полесно решавање на состојбите со загадувањето на околината.

Во спротивно, не е далеку денот Д (од депонија) кога сликата кај нас ќе биде како онаа што ја гледаме на Далечниот Исток, каде што над една милијарда луѓе се борат за капка пивка чиста вода, каде што купот од ѓубре е трипати поголем од нивните живеалишта, каде што просечната старосна граница на живот не е повеќе од педесетина години, каде што никој не води евиденција за болестите и болните од тие ѓубришта. Впрочем, тоа многу бргу ни надоаѓа во нашето секојдневие!

Во настојувањето да се справи со загадувањето, ресорното министерство пред извесно време реши во свои раце да ги преземе работите бидејќи воочило дека општините во сите региони низ земјава покажале многу ниски капацитети, како технички така и финансиски, за да можат самостојно да го решат проблемот со дивите депонии. Од Министерството за животна средина велат дека почнале иницијатива, сѐ со цел надминување на постојната состојба со управување со отпадот и воспоставување регионален систем во сите плански региони во Македонија, да се изнајдат финансиски средства за справување со дивите депонии. Опциите се или преку кредитни линии или, пак, преку обезбедување грантови или други фондови.

Но како изгледа тоа во пракса, еве само еден пример, кој реално ги отсликува состојбите низ целата земја, со тоа што разликите се можеби во нијанси.
Имено, за справување со отпадот и дивите депонии во општините од Југозападниот регион треба(ше) да се (из)гради регионална депонија за складирање отпад во депонијата „Мегленци“ кај Новаци. За жал, на изградбата на оваа регионална депонија надлежните се навраќаат или се сеќаваат само кога ќе се запали постојната депонија кај Буково и кога поради неподносливата миризба и чад реагираат туристите што одат на одмор во Охрид или во Струга. Засега, како што стојат работите, по сѐ изгледа дека уште долго време туристите, заедно со жителите во градовите од Југозападниот регион, ќе се борат со загадувањето од своите градски депонии.

Роковите за изградба на регионалната еколошка депонија во Новаци се неизвесни. Иако проектот на големо се промовира, сепак досега тој се сведува на средување на бирократските процедури, а во практиката се судира со сериозни пречки.
Дополнително, како нов проблем се појавува фактот дека од Министерството за животна средина укажуваат дека пред да се изгради депонијата треба да се направи обиколница за пристап до неа, на која инсистираат и од Општина Новаци, а за тоа се потребни дополнителни финансии.

Од една страна, на забрзување на процедурата повикуваат градоначалниците од Охрид, Дебарца, Дебар, Струга, Ресен, но од Општина Новаци се децидни. Тие велат дека додека не се направи заобиколниот пат нема никакви шанси отпадот од соседните градови да се транспортира до депонијата директно во правец на Битола, која исто така се бори со загадувањето и е во потрага за чист воздух.
Очигледно, кај нас изгледа стана навика на однесување брзо да се прават проектите, но тешко да се реализираат. Ќе биде ли и овој еден од таквите?