Излезе од печат новиот роман „Засолниште во времето“ од Георги Господинов, во превод на Душко Крстевски, со што се заокружува бројката од 200 наслови на прагот од дваесетгодишнината од постоењето на издавачката куќа „Или-или“.
– Како еден од најчитаните автори од преводната литература, чии романи „Физика на тагата“ и „Природен роман“ и збирките раскази „И сѐ стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најкоментираните и најомилените меѓу нашата читателска публика, драго ни е што со новиот роман на Георги Господинов го славиме овој убав јубилеј на нашето издаваштво – информираат од „Или-или“.
За новиот роман на Господинов, критичарите напишаа: „Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“ (Сандро Веронези).
– Истовремено, ја користиме можноста да го најавиме и излегувањето на уште две книги во овој период: збирката раскази „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ од Христос Иконому, првиот превод на книга од грчки на македонски јазик во „ПРОаЗА“ (преведувач: Петар Андоновски), како и дебитантскиот роман „Најосаменото место“ на Симеон Јанков, со што ја продолжуваме нашата традиција на отстапување нови имиња на македонската книжевна сцена – дополнуваат од „Или-или“.