Фото: Игор Бансколиев

Митко Маџунков, писател

Сега за нас е поважно Македонците расфрлени по светот да не кренат раце од својот јазик, а книжевниот вкус тука, во Македонија, да се изостри со подобро образование и со посоодветна лектира, вели писателот акaдемик Митко Маџунков, автор и на „Правта на библиотеките“, еден од петте романи од циклусот почнат со „Година на ирвасите“

Раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист, Маџунков, кој е роден во Струмица, Филолошки факултет (светска книжевност со теорија на книжевноста) заврши во Белград, каде што живееше и работеше до неговото враќање во Македонија во 2006 година. Добитник е на значајни книжевни награди и признанија, а застапен е и во домашни и во странски антологии.
Неодамна од печат излезе неговиот нов роман насловен „Правта на библиотеките“, кој е дел од познатиот белградски циклус романи на Маџунков, кои се случуваат од сабота до понеделник во мај 1986 година, а чие дејство опфаќа подолг временски период (годините пред распадот на Југославија, па до разнебитувањето на Македонија). Циклусот започна со романот „Времето на ирвасите“, а по него следуваа „Птиците од ланските гнезда“, „Непостојната книга“, „Правта на библиотеките“, а целината ќе се заокружи со „Времeто пред приказната“, чие објавување е планирано за 2020 година.

Во време кога светот сѐ уште не се откажува од печатењето книги, а библиотеките работат, и покрај предвидувањата дека дигиталната технологија ќе им најде ефикасна замена, го напишавте романот „Правта на библиотеките“, кој лани го издаде „Три“. Дали со него и го заокружувате познатиот циклус почнат со романот „Времето на ирвасите“ во 2003 година?
– Сите мои дела се донекаде поврзани, но истовремено претставуваат и заокружени целини. Сепак, несомнена е потесната врска помеѓу петте романи од циклусот што го споменавте, собрани во три дена (сабота-недела-понеделник) во мај 1986 година. Таа година е земена како глобална метафора за загрозеноста на светот (Чернобил) и како година со која почна уривањето на Југославија. Благодарение на специфичната функција што му е дадена на времето во моите романи, во три дена се опфатени децении. За сегашниот роман е карактеристично што почнува во еден сосема обичен работен понеделник, со целосна амнезија за она што се случило (дека во неделата „пропаднал светот“, како што се вели метафорично), а потоа настаните се префрлуваат во подземјето каде што почнува приказната за новото устројство (или растројство) на светот. За мене e најважен тој долен план, не само поради значењата туку и затоа што онаа подземна географија, која е навестена во некои други мои дела, сега е заокружена.

Работниот век го поминавте во Библиотеката на градот Белград, знаете како дишат библиотеките, а оттаму мошне добро и функционираат и ликовите во „Правта на библиотеките“. Еден од нив, меѓу другото, укажува дека преуредувањето на светот ќе го следи природниот тек на книгите, кои нема да исчезнат, туку ќе се преобразат во комбиниран духовен прашок како лек и спас. Лек за што, каков спас би нуделе таквите книги и кому му е потребен?
– Добро е ако се ликовите впечатливи, зашто без добри ликови нема ни добри романи. „Правта на библиотеките“ како „комбиниран прашок“, инаку, не е и не може да биде „лек и спас“, туку само отров и пропаст, како и секоја дрога. Во романот светот е преуреден така што „оригиналите“ (вистинските вредности) се потиснати и заменети со сурогати и фалсификати, со општата теорија на просекот, чиј симболичен екстракт е токму правта на библиотеките, која се консумира „со лажиче под масиче“. Не се мелат само книгите, туку се уништуваат и цели држави, народи, јазици, и тоа во името на нивната посветла иднина, како што отсекогаш било во тоталитарните системи. Ваквите дела се нужно критични („сатирични“, што би рекол Булгаков), но се трудат својата „ангажираност“ да ја воспостават преку оние високи и обврзувачки стандарди што се викаат имагинација, иновација, добра приказна, уверливи ликови, живи дијалози, цврста композиција, чист стил, хумор, критичност кон постојната состојба во светот. Уметноста треба да биде коректив на стварноста. Денес логиката на пазарот стана и логика на литературата. „Купи ме и изеди ме“, што би рекла Алиса. Тоа е филозофија што се базира не врз квалитетот туку врз ефикасноста и успехот. Успехот во уметноста, меѓутоа, честопати бара „данок во крв“, односно големи отстапки. Книжевноста некогаш го водела светот, а сега му слугува, како производителка на стока што се изработува денес за утре да се потроши. Секој писател сака читатели, под нормални околности, но не по секоја цена. Мисијата на книжевноста нема врска со профитот и со „пазарната економија“, како ни со оние инстант-вредности што во мојот роман иронично се наречени прав на библиотеките.

И во овој роман провејува загриженоста за судбината на книгите на македонски јазик, како и за книгите на други помали народи во библиотеката, во време кога и небото и земјата силно треперат од силите што влијаат на историските процеси. Загрижен ли сте денес во Македонија од третманот на македонскиот јазик и литературата од страна на државата и на граѓаните?
– Ние живееме во една извиличена стварност, во која политичкиот естаблишмент е добро изучен како поуспешно да се продаде. Не е природно некритичното прифаќање на некое гледиште од животна важност само затоа што ти го шепнал некој поголем, посилен и постар, па макар бил и твој татко, туку нештата треба да се просудуваат. Нашите водачи просто се натпреваруваат кој ќе биде посервилен. Тие не веруваат дека нешто е дозволено ако не е потврдено со „расписка“, како кај Чехов. Деновиве една жена е сменета од министерско место само затоа што застанала, и физички, пред името на земјата во која живее. Од сите страни сме опкружени со национални држави што не кријат дека сакаат да нѐ грабнат, поделат и асимилираат, а ние склучуваме незаконски договори со нив и коленичиме пред светот, кој само нѐ ѕивка, да покажеме дека сме подобри од Павел Морозов, кој предал сѐ свое во името на светлите идеали. Македонија и македонскиот книжевен јазик тешко ќе опстанат под сегашните услови на двојазичност и на потпишаните капитулации. Мене не ми требаше никаква Венецијанска комисија да го знам и да го кажам тоа. Ваков однос на државата кон матичниот јазик не постои никаде во светот. Нема апсолутно никаква причина, што би рекол Пруст, јас по стопати да ја препрочитувам и поправам секоја своја реченица, иако од тоа немам никаква лична корист, но нешто ме тера сепак да го правам тоа. Зошто? Затоа што без култивиран јазик нема сериозна национална книжевност, а без таквата книжевност народот нема на што да се потпре, иако во моментов тој не го знае тоа, како што не знае ни многу други работи.

На колку јазици досега се преведени вашите дела, од издавачите во кои држави најмногу сте задоволен, имате ли увид каде се продаваат и во кои библиотеки можат да се најдат?
– Пред да се вратам во Македонија, објавив повеќе книги напишани на друг јазик, кои беа и фалени, и продавани, и читани. Мене преводите не можат да ме импресионираат. Тоа е работа за трговци, а треба да им биде препуштена на квалификувани книжевни агенти. Неодамна, кога се појави хрватскиот превод на „Времето на ирвасите“, Данко Плевник напиша: „Романот спаѓа во самиот врв на европската белетристика и само прашање на време е кога авторот со него ќе постигне сѐ“. За првото би можеле да зборуваме, но во второто јас воопшто не верувам. Во светот владее лингвистички империјализам и делата напишани на малите јазици моментално немаат никаква шанса. За среќа, главната афирмација на секој писател е во неговиот народ и на неговиот јазик. Македонскиот јазик е, според своите книжевни можности, светски јазик. Ако е врвната литература чуварка на животот, од тој извор уште долго ќе се пие. Сега за нас е поважно Македонците расфрлени по светот да не кренат раце од својот јазик, а книжевниот вкус тука, во Македонија, да се изостри со подобро образование и со посоодветна лектира. Во мојот најнов роман гори една свеќа што не догорува. Таа никогаш нема да згасне.

Вашата богата творечка биографија ја чинат и драмски текстови, добитник сте меѓу другите и на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“. Имате ли можност во овој период да гледате претстава по ваш текст во некој од театрите, можеби пишувате нова драма?
– Театрите не се тепаат за автори. Јас отсекогаш сум работел во тандем со Бранко Ставрев. Во југословенско време, нашите претстави „Големиот смок“, „Сенката“ и „Пуста земја“ се одиграни во струмичкиот театар околу двесте пати. Темите што се обработени во нив се поактуелни сега одошто тогаш, но тоа не стана повод тие пиеси да се одиграат и во другите наши градови и театри. Бранко Ставрев никогаш не режирал претстава без покана, но повеќе не го канат дури ни на прославите на матичниот театар што го прославувал на сцените во Нови Сад, Сараево или Дубровник. Венко Андоновски има напишано (и објавено) цела драма за судбината на својата „многу сериозна комедија“ за Кузман, која, патем речено, требаше да ја режира токму Бранко Ставрев, па преку тој текст може да се провери како одат тие работи со театрите. Јас напишав и (пред три години) објавив една нова драма што дури не е ни регистрирана во т.н. медиуми, како и многу други мои текстови. Нашите театри се мошне далеку од нашата книжевна и актуелна стварност. Јас имам еден краток расказ што се вика „Толкувач на времето“ чиј главен јунак, Б. Леви, вели дека, „кога би имале театар како што во моментот немаме“ и кога би го повикал некој, најмногу би сакал да го постави „Тартиф“, „најмакедонската од сите крвави македонски теми“, комедијата за подлизурството и за луѓето што даваат повеќе од она што им се бара. Но ние живееме на Месечината, а таму нема театар, само безвоздушје.

Фото: Игор Бансколиев