Од творештвото за деца на Благородна Тодоровска-Никодиноска

На крајот на дворот, покрај живата ограда, земјата беше издигната нагоре, а на врвот имаше отвор. Од него излегуваа и влегуваа многу мравки. Вредно брзаа, носеа зрна и ги полнеа своите подземни магацини со храна. Тука ги одгледуваа и своите малечки и го средуваа домот, кој беше во подземните ходници.

Потпрено на една гранка од жива ограда, под сенка, со виолината в раце лежеше штурчето и си мислеше: „Колку се овие мравки за никаде, на оваа жештина нашле да работат. Јас си свирам и уживам, храна има насекаде“.

Мина летото, дојде есента, а набргу дојде и зимата. Падна снег. Никаде нема храна. Мравките мирно си седат во својата подземна куќа, има храна и им е топло. Штурчето гладно, прегладнето, смрзнато се крие под стреата од куќата и целото се тресе. Што да јаде? Никаде нема храна. Виолината не се јаде, ќе умре од глад.

Се сети. Ќе оди и ќе затропа на вратата кај мравките. Можеби тие ќе му дадат некое зрнце храна. Отиде до вратата на мравкиниот дом и чук, чук, чук – затропа. Му отвори една мравка и го запраша што бара. Штурчето сето стуткано од студ замоли:

– Може ли да добијам храна? Ќе умрам од глад! Ве молам!
Мравката го погледна штурчето и го запраша:
А каде беше летоска? Што работеше?
Штурчето одговори:
– Свирев.
– Е, сега пак свири и играј – рече налутено мравката и ја затвори вратата. Штурчето остана надвор на студот, но не можеше да ѝ се налути на мравката. Навистина тие цело лето многу работеа, а тоа лежеше, свиреше и им се потсмеваше.
Во тој момент мравката повторно ја отвори вратата и му рече:
– Оди работи некаде, свири некаде – и пак ја затвори вратата.
– Зошто не работев и јас, сега ќе имав храна – се запраша смрзнатото штурче.
Но одеднаш почна да размислува што да направи за да се спаси. И се сети. Можеби свирењето ќе му помогне. Па, и тоа е работа, уметност. Најде уште две штурчиња и формираа бенд, кој го нарече „Трио штурче“. Се пријавија во еден ресторан да свират. Сопственикот го прими, им дозволи да вежбаат во ресторанот, а таму беше топло и добиваа храна. И, видете чудо.

Вредните штурчиња со својот бенд „Трио штурче“ и со својата вредна работа постигнаа успех, свиреа и беа сѐ подобар состав. Набргу станаа познати и славни. Еден ден штурчето се сети на мравката и си рече:
– Мравката ме поттикна и ме научи да работам, треба да ѝ се заблагодарам.
И го направи тоа, ја пронајде мравката и сите ги почести со убави колачиња.
Работи и биди вреден и ти, за да бидеш успешен и среќен!

(Според познатата басна „Штурецот и мравката“ на Ла Фонтен)


За авторката

Благородна Тодоровска-Никодиноска е родена во Скопје, каде што завршува учителска школа во „Никола Карев“. Работи во неколку основни училишта, давајќи голем дел од себе за децата и за нивното образование и воспитание. Високото образование е предизвик за неа и со успех го совладува и стекнува звањето професор по педагогија. Работи како училиштен педагог, а потоа продолжува во Републичкиот завод за образование и воспитание на Македонија, како самостојна педагошка советничка за основно образование.

Активна учесничка е на семинари, трибини и конгреси и со свои трудови. Коавторка е на учебник за одделенска настава. Учесничка е во изработка на програми за основно образование и други документи.

Во текот на работата создава песни посветени на децата исполнети со љубов токму за нив.

Коавторка е и на Алманахот издаден по повод 50 години од завршувањето на Учителската школа, генерација 1957 – 1961 г.

Ја издала книгата „Разиграни стихови за деца“, а во подготовка е ново издание за најмладите.