Спектакл на сцената на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци
Да се работи со децата и да се игра на сцената со нив за мене секогаш е голем предизвик, кој ми претставува истовремено и големо задоволство, вели Микица Илова, авторка на сценариото и режисерка
Публиката во Кавадарци минатата недела имаше можност да проследи вистински мјузикл, налик на оние од „Бродвеј“, со над сто учесници, но со една разлика, овој пат на сцената доминираа деца. Станува збор за музичко и танцувачко шоу, со интересни светликави костими и прекрасна музика, односно за најновиот проект „Синг“ на театарот при домот на културата „Иван Мазов-Климе“. На сцената продефилираа над 100 ученици од сите основни училишта во градот, а сѐ беше замислено како аудиција во која се исполнуваат познати светски хитови, за чија визуализација придонесоа танцовите групи на балетското студио „Венус“ и балетскиот оддел при ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци.
Според првите реакции, мјузиклот „Синг“ понуди нешто ново и несекојдневно и успеа да ја воодушеви публиката, која несебично ги награди учесниците со бурен аплауз. Целата приказна се темели на идејата со учество на натпревар за пеење и танцување да се освои наградата со што ќе се овозможи да се спречи уривањето на омилениот театар за деца. Во мјузиклот учествуваат: Сашко Орешков, Видан Станоев, Ивана Данова, Ангела Василевска, Евгенија Илова, Јован Димитриев, Амелија Методиева, Анастасија Кузманова, Елена Мелова, Илина Костова, Иван Кузумов, Ивана Ристова, Јована Смилева, Матеа Маџункова, Матеа Николовска, петар Петков, Симона Димова и Симона Матакова.
Сценариото и режијата за мјузиклот се на Микица Илова, а за кореографијата на сите десет светски хитови се погрижија Билјана Грозданова и Ана Балова. Прекрасните костими и овој пат ги изработи Сара Милевска, додека за тонот и светлото и сѐ да изгледа беспрекорно на сцената одговорни беа Пепи Ангелов и Марјан Тодоровски, а сценографијата ја изготви Диме Темков.
– Да се работи со децата и да се игра на сцената со нив за мене секогаш е голем предизвик, кој ми претставува истовремено и големо задоволство. Мјузиклот „Синг“ е проект наменет за најмладата публика, што не значи дека неговата реализација беше лесна. Мјузиклот е посебен жанр во уметноста, кој во себе комбинира вокал, кореографија, сценски вештини и драма. Мислам дека јас успеав да го постигнам тоа на сцената заедно со кореографите Билјана Грозданова и Ана Балова. Направивме комбинација од деца перформери на познати светски музички хитови и деца танчари, членови на балетското студио „Венус“ и ученици од основното музичко-балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“. Инспирација за сценариото за оваа театарско-танцова претстава ми беше познатиот детски анимиран филм „Синг“. Напишав сценарио во кое има доволно глума, музика и танц. Станува збор за еден вид аудиција за учество на познато музичко шоу, во кое преовладуваат забавата и другарството. Со оглед на фактот дека во овој проект учествуваат стотина деца, кои доминираат на сцената, претставуваше храбар чекор на првите луѓе на театарот да се зафатат со реализација на едно вакво шоу. Мојот став беше дека токму сега дојде времето кога можеме да покажеме дека имаме млади таленти што владеат со сите сегменти што се потребни за мјузиклот, оти имаме и добар и квалитетен кадар што може да работи со нив, убави кореографии, голем ентузијазам, волја и многу трпение – вели режисерката Микица Илова.
Целиот проект се подготвуваше само два месеца и режисерката Микица Илова не го крие задоволството од финалниот производ, прогнозирајќи дека претставата ќе живее подолго, што се потврдува со претставите што секојдневно се одвиваа пред велигденските празници. Сите основни училишта од Кавадарци пројавија интерес организирано да го гледаат мјузиклот „Синг“ во наредниот период.