Стихови, подароци и подадена рака за најмладите!

Од творештвото за деца на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, новинар и писател

„Колибри“ секогаш одделува простор за пријателите на децата, секако тука спаѓаат и авторите од третата доба. Наш денешен гостин е текстописецот и новинар Ѓорѓи Ѓорѓиевски, познат како Ѓе Ѓе. Освен што долги години работел како новинар, тој бил и спортист и хуманист.
Роден е во 1939 година, во ресенското село Подмочани, каде што го почнал своето образование, а го завршил во училиштето во селото Царев Двор. Продолжил во средно училиште во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Ресен, каде што за време на неговото матурирање се случила една многу чудна случка.
Како матурска тема, односно завршен испит во гимназијата избрал да го обработува творештвото на Кочо Рацин. Откако завршил со успешната презентација, од професорите бил запрашан дали знае да изрецитира некоја песна од Рацин, а тој веднаш почнал со рецитирање и го изрецитирал целото негово творештво. Тогаш вчудовидените професори, по неколку дена организирале вечер за широката јавност, на која матурантот Ѓорѓи го рецитирал целото творештво на великиот поет Кочо Рацин.
Денес, на своја осумдесет и тригодишна возраст, Ѓорѓи сѐ уште знае наизуст околу триста песни од македонските, црногорските, српските, босанските но и руските поети, па ние ја имавме честа да ги слушнеме Рациновата „Ленка“, поезијата на Есенин и други поетски творби.
За време на војничките денови, Ѓорѓи Ѓорѓиевски уште повеќе ја развил љубовта кон фудбалот и бил фудбалер со високи резултати. Навивал за Партизан и за Вардар, а на еден натпревар во Преспа, самиот постигнал дури 18 гола.
Сепак, љубовта кон пишаниот збор, по студиите на Правниот факултет, го враќа во родниот крај, каде што станува новинар на „Битолски весник“, а подоцна преминува во Центарот за печат и радио во Ресен. Ѓорѓиевски извесно време бил дописник и на „Нова Македонија“.
Добитник е на многу награди и признанија за новинарство и за хуманитарна работа, автор е на многу текстови за познати македонски новокомпонирани песни испеани од познати македонски изведувачи. Освен тоа, целиот свој живот Ѓе Ѓе гледал како да им помогне на децата, преку подароци, помош во храна, а еднаш и спасил детски живот во запалена куќа во Ресен, но кога се трагало по храбриот спасувач, како секој голем човек, Ѓорѓи побарал да биде анонимен. Покрај сѐ што работел, успевал да пишува и песнички за деца. Една од нив е објавена на страниците на „Колибри“ во 2000 година. Тој исечок Ѓе Ѓе го чува, а сликарот Живко Поповски-Цветин оваа песна ја украси со разнобојни цветови и ја изложи како ликовно-поетско уметничко дело. Денес ви претставуваме уште неколку песнички за деца од нашиот Ѓорѓи Ѓорѓиевски, објавени во книгата „Македонијо, гордост моја!“, која излезе од печат во 2020 година.
Тој пред две години ја објави својата прва книга, насловена „Македонијо, љубов моја“, уредена од неговата ќерка, познатата новинарка Валентина Ѓорѓиевска-Парго.


Возач Љупчо

Многу Љупчо сака
млад возач да стане
а помошник негов
братчето му Ване.
Си направил Љупчо
камион од дрво
со кој што ќе оди
на работа прво.
Но, колку, се качи
должноста да врши,
камионот на Љупчо
напола се скрши.


Еколошка порака

Еколози, ајде да сме,
и стари и млади,
сите за да бидеме
весели и здрави.
Сите, сложно, заедно,
природа да чуваме,
богатството природно,
ај да го негуваме!
Да чуваме планини,
природни убавини,
на голите терени,
масовно да садиме
дрвчиња зимзелени.
Езерата и реките
да ни бидат бистри
училишни дворови
уредени и чисти.
Садници да садиме
по градови, села,
прекрасна да ни е
родината цела.


Цветни градини

Цветни, цветни градини
како во парковите,
ајде да направиме
ние пред домовите!
На работна акција
нека ѕвечат лопати,
во детските рачиња
да заиграат копачи.
Ај да преуредиме
училишни дворови,
цвеќе да засадиме
и зелени борови.
Животната средина
да ја разубавиме,
детството поубаво
да си го направиме.

(Песната првпат е објавена во „Колибри“, „Нова Македонија“, 2000 г.)