Илустрации: Јана Лауцоска

Се сеќавам, кога бев детенце, каков восхит чувствував кога ги гледав илустрираните приказни за Хајди и Клара, за лекциите и пораките што ми ги испраќаа на начин на кој секое дете може да ги разбере. Посакувам истиот восхит да го предизвикам кај дечињата од новава генерација, со новите ликовни приказни и карактери, вели Јана Лауцоска

Јана Лауцоска, илустраторка

Јана Лауцоска е млада македонска ликовна уметница во чиј фокус се илустрациите за деца. Работејќи постојано на својата надградба, таа постојано ја усовршува својата дарба и се труди, освен по текстот, книгите што ги илустрира да бидат запаметени и по нејзините колоритни и разиграни илустрации.

Како и кога се случи цртањето да стане неизоставен дел од вашиот живот?
– Цртањето беше дел од мене постојано. Откако знам за себе бев со моливот во рака и нешто цртав. Кога имав шест години, уметницата Симонида Филипова ме воведе во светот на уметност и на сликарство. Се сеќавам како цртам во нејзиното студио и како Симонида ѝ кажува на мајка ми дека вообичаено не прима деца под осум години, ама ќе направи исклучок за мене бидејќи воочила голем талент. Но освен што каде и да одев си носев тетратки за цртање, блокчиња и боици, при крајот на моето основно школување почнав да читам многу книги и таа љубов за читање само ја засили мојата желба да ги нацртам фантастичните сцени и ликови од моите книги.

Сепак, не се запишавте веднаш во средно уметничко, зошто?
– Кога дојде време за средно образование, моите родители ме запишаа во приватно средно училиште со надеж дека ќе имам подобри услови за учење. Искрено, се чувствував како црна овца во гимназијата и бев длабоко несреќна и покрај тоа што имав одлични оценки. Во овој период сѐ уште не се надевав дека некогаш ќе станам уметник, едноставно само многу сакав да цртам. Но се случи нешто непредвидено. На почетокот на втора година, директорот на училиштето се појави на час и пред сите ми рече дека ми е забрането да цртам додека сум во школските простории. Бев шокирана. Сѐ уште се сеќавам на збунетоста на мојот професор по македонски јазик, поради тоа што вакво нешто му се наметнува на мирен и вреден ученик. Морам да признаам дека јас бев многу повлечена во оваа гимназија. На одморот или кога имавме слободен час веднаш ги вадев блоковите и цртав. И наеднаш директорот ми го одзеде тоа, се прашував зошто?! Официјалното објаснување беше дека сум оставала траги од молив на бирото каде што седев. Молив, кој се брише со вода и со крпа.
Таа ноќ плачејќи му објаснив на татко ми што се случи на часот по македонски јазик. Не знаев што да правам, бев скршена.

Какви беа реакциите на вашите родители?
– Во тој момент татко ми ми рече: „Ама ќерко, зар не гледаш, ова е одлично, ова е знак. Време е да се префрлиш во средно уметничко“! Јас најпрво се бунев, си мислев дека не сум доволно добра, зарем би примиле некој како мене? Се прашував каде се наоѓа ова училиште и дали ќе ми биде дозволено да го направам тој чекор? Следниот ден, по разговорот со директорот на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, моите родители ме известија дека ако навистина сакам да продолжам таму ќе мора да почнам од прва година повторно. Прифатив, бидејќи не сакав да се вратам во гимназијата и, ете, не згрешив.

Како се снајдовте во новата средина, дали ве прифатија?
– Во средното уметничко пораснав како личност, бев прифатена од многу талентирани и вредни млади сликари, кои ме инспирираа и јас да продолжам да работам. Веќе не се чувствував осамено. Кога матурирав отидов во канцеларијата на директорот и му се заблагодарив што ми даде шанса пред четири години. Овие денови за мене секогаш ќе бидат најубавите во животот.

Кога станавте свесна дека илустрацијата е она што ве привлекува најмногу?
– Додека бев во средното уметничко на сите професори им беше јасно дека ме влечат илустративни стилови на цртање. И покрај тоа што бев на насоката сликарство, мојот омилен медиум беше и сѐ уште е акварелот. Оваа техника најмногу се користи за илустрација и тоа не е коинциденција. И некаде пред матурата одлучив дека ќе станам илустраторка по професија. Поради тоа, првиот со кого се посоветував како понатаму беше Мичо, еден од најпознатите илустратори во Македонија. Одлучив дека ќе станам илустраторка учејќи онлајн. И по две години константно учење од безбројни книги и практикување многу курсеви, посветени часови и часови за подобрување на моите способности, решив дека сум подготвена да почнам да работам.

Кажете ни за вашите почетоци како илустраторка?
– Моето прво работно искуство беше со „Студио 351“ на анимираното, музичко стрип-видео на песната „Bad Habets“, на светски познатиот британски музичар Ед Ширан. Потоа бев ангажирана и на музичкото видео за песната „Good girl era“ за американската пејачка Апшал. Освен тоа, во Македонија работев за гејм-студиото „Дарк-1“ како илустраторка, а бев ангажирана и за други проекти. Сепак, секогаш целта ми беше да работам за странство, па бев пресреќна кога по неколку месеци добив понуда од една канадска фирма да бидам илустраторка за деца и, се разбира, прифатив. Соработувавме шест месеци и токму тука ми се разви љубовта за детската илустрација. Работев како илустраторка на слики што понатаму се користеа и за стикери, тетратки, училиштен прибор, детска облека… Цртав разни животни, фиктивни и вистински, дечиња, цвеќиња, торти, и шарени разиграни сцени и заднини.

Дали тоа беше доказ дека сте на вистинското место?
– Искрено се почувствував како да си го најдов местото. Кој не би сакал да работи со такви светли и ведри теми. Визуелната уметност има многу правци и многу од нив ја прикажуваат и ја откриваат темната и тажна вистина во денешниот свет, ама малку се оние што ги прикажуваат радоста и љубовта, кои исто така се дел од нашите животи. Се сеќавам на времето кога мајка ми ми ги читаше сите преубави шарени сликовници. Го паметам восхитот што го чувствував кога ги гледав илустрираните приказни за Хајди и Клара, за лекциите и пораките што ми ги испраќаа на начин на кој секое дете може да ги разбере. Посакувам истиот восхит да го предизвикам кај дечињата од новава генерација, со новите ликовни приказни и карактери. Децата се нашата иднина, а сликовниците нивните први учебници.

Сепак, сега сте слободна уметница, дали сте задоволна?
– Да, само по шест месеци соработка со канадската фирма решив да си заминам. Работев со различни тимови на различни проекти со нив и едноставно некои од нив бараа стил на илустрација што не ми одговара. По ова искуство одлучив да бидам самостојна и да прифаќам исклучиво проекти што ми се допаѓаат и во кои се пронаоѓам како автор и креативец. Оттогаш работам на индивидуални нарачки, па ќе видиме што е следното во мојата блиска и подалечна иднина. Како и да е, децата и понатаму ќе ми бидат преокупација.

 


Волшебната шума

Зад седум виножита, соништа и желби
меѓу безброј сонца, месечини и ѕвезди,
во чудесен свет, со добрина завиена
една волшебна шума е скриена.

Во неа најубави цвеќиња цветаат,
Смеата и Радоста како птици летаат.
Таму секој со секого другарува.
Сите се еднакви и никој не царува.

Владее вечно пролет, сите чуда се можни,
од облаци среќно врне детска смеа
и сите раснат слободни и сложни,
знамиња од добрина насекаде се веат.

Секое дете знае како да ја најде.
Мапата на срцето до неа нè води.
Ако сакаш да ја пронајдеш, тргни сега ајде
по мислата своја во тебе што броди.

Во себе замисли ја волшебната шума,
погледни во сонцето, во денот овој убав
и тогаш ќе откриеш со насмеана лика,
таа шума всушност Љубов се вика.

Силвана Димитриевска