Нацртал: Горазд Трајковски (11 г.), ОУ „Мирче Ацев“, Ѓ.Петров, Скопје

Ку-ку кукавица, сезналица

Домашен заштитен знак,
тик-так. И пак, тик-так…

Од ѕидот се огласува,
гласот што ќе го прати,
во куќичка ќе се врати.

И така секој ден,
секој час.
Ку-ку дома кај нас.

Потсетува:
-Време за станување.
Време за пораснување,
Време
за домашни пишување.

Од дрвениот часовник,
прозорчето – куќичката,
точно навреме ја отвора,
ни побрза – ни поспора.

Со времето заедно,
се врти во круг.
Патот е еден,
не познава друг.

Нема деца што жалат,
што оваа птичка мала,
не може да здивне
во слобода да се вивне.

Ластовичето дома

Ги прашувам децата
и баш ме копка.
Виделе ли ластовиче
во станот
да влета во клопка?

Кај нас низ прозорецот
во дневната долета. Ластовиче се разлета
се прошета.

Од прозорецот
над кујнската маса,
над фрижидерот
до лустерите стаса.

И еве ти
мачорот домашен преде,
се наежи. Го следи
од влезните врати,
најави скок, да го фати.

Нема шанси!
Не дозволуваме,
Ластовичето го замолуваме,
повели,
кон синото небо право.
И здраво!

Летај над улиците
кај твоите малечки
меѓу ластовиците.

И никој не спори.
Нема дете
што ова не ќе го стори.

Како се птиците жедни

И птиците
гулабите, врапчињата, ластовиците
ожеднуваат.
Си гледал ли
како вешто
по капка вода слетуваат.

Некои застануваат
сетилата ги водат,
каде што има вирче вода.
Гулабите на пример,
Еве во станбениот блок
ќе слетаат, ќе свратат,
капките од некое цевче
со клунчето ќе ги фаат.

Чик-чирик. Препознат лик.
И на лист со роса,
ќе испие капче по капче
соседното сиво врапче.

Ластовичињата
во низок лет
капките ги зафаќаат.
Над базени, плажи, поточиња
по десет пати се враќаат.
Заклучок?
Само еден.
Никој не останува жеден.

Село на штркови

Сум чул за села на штркови.
На секој трет оџак
седала зачестени.
По бандерите,
по дворовите,
штрковите сместени.

Живот и слога
на висока нога.
Живеалишта од слама
те гледаат од високо,
од секоја страна.

Овие се чуда светски.
Дванаесет илјади километри
од Африка прелетуваат.
Во истите седала,
малку подновени,
се сместуваат.
И нови јајца снесуваат.

Во Жидилово, во Босилово,
во Облешево, во Отешево.
Ова се само две-три.
Ако патуваш по нашиве села
ќе ги видиш и ти!

Сврталишта стари,
во потрага по жаби,
крај реки, по бари.

А ако парадираат
на една нога, по покривите
по ќерамидите и сртовите,
децата ги цртаат…
Еве ги во блоковите!

(Од книгата „Растеме да пораснеме“)