Блаже Конески како дете со семејството

Од денеска во „Колибри“, во десет продолженија, ќе можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, која пред да биде објавена во книга први ќе ја објавиме на страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, ќе можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески

ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ

Јордан, таткото на Блаже Конески, не само во родното Небрегово туку беше познат и ценет од луѓето и пошироко, како многу вреден човек. Затоа, многумина често доаѓаа кај него да се распрашуваат како да завршат некоја своја работа.
Така, тој одејќи едно пролетно утро во блиската шума по дрва, слушнал, а потоа и забележал како околу едно големо, но шупливо дрво летаат голем рој пчели. Откога видел дека се работи за гнездо на пчели, решил да ги собере во една кошница и да ги однесе во својот двор…Поради тоа, тој не продолжил понатаму во шумата, туку со брзање отишол крај реката и набрал врбови гранки. А потоа од нив веднаш исплел кошница за пчелите. Кога Блаже го видел татка си како брзо работи, го прашал:
– Тато што правиш со прачките?
А Јордан, татко му, полн со радост, му одговори:
– Сине во шумата најдов рој пчели како собираат мед во шуплината на едно старо дрво. Решив да ги фатам и донесам во нашиот двор. Тоа да го прават тука, во кошницата што ја плетам од фанкиве.
– Како ќе ги фатиш тато пчелите, зачудено прашал Блаже и додал – да не те искасаат?!
– Тоа е лесна работа сине, за човек што знае тоа да го прави. Утре со баба ти Дунавка ќе појдеме да ги собереме пчелите во кошницава што ја плетам од врбовиве гранки!
– А мене ќе ме земете ли со баба, праша Блаже.
– Сине, му врати татко му со милослив глас на Блаже – Тоа ќе биде многу рано пред да се јави муграта, а ти подобро е тогаш да спиеш за да пораснеш. Од тебе барам кога ќе си играш во дворот, само да внимаваш да не те касне некоја пчела.

Блаже по овие таткови зборови долго остана буден во ноќта, но најпосле, слатко заспа. А кога утрото се разбуди, веднаш истрча во дворот… И што виде! Кошницата со пчелите што ја донеле татко му Јордан и баба му Дунавка беше поставена на крајот од дворот. А кога низ Небрегово се слушна дека Јордан фатил избеган рој пчели во шумата, почнаа да доаѓаат луѓе во дворот да видат дали е тоа вистина. Гледајќи така во татка си и во насобраните луѓе, на кои Јордан им кажуваше како ги извадил пчелите од шупливото дрво, Блаже истрча и почна да го гушка татка си. А тој прегрнувајќи го синот пред насобраните луѓе, рече:
– Наесен, кога ќе дојде време да го вадиме медот, првата лажица мед ќе му ја дадеме да ја касне мојот син Блаже. Сакам тој прв да си ја заслади душата.
Кога ова го слушна Блаже, уште повеќе го прегрнуваше татка си. Но и посака што побрзо да дојде есента… Зашто Блаже не само што не ја заборави татковата желба и порака, прв да проба од медот, туку беше и дисциплиниран, не го касна ни една пчела додека си играше во дворот… А кога почна есента, една вечер, Јордан, рече:
– Утре ќе го вадиме медот од улиштето!
Блаже кога го слушна тоа, толку многу се израдува што полека се доближи до мајка си Зака и ѝ шепна:
– Мамо, те молам утре рано да ме разбудиш, сакам да гледам како тато ќе го вади медот од улиштето!

Синовата желба, мајката Зака ја исполни и го разбуди Блаже, а тој откога брзо се облече, истрча во дворот. Бабата со чад ги запрашуваше пчелите за да не летаат, а Јордан од саќето го цедеше медот во еден сад. А кога садот се наполни со мед, тој ги поклопи пчелите со плетената врбова кошница. Потоа зеде една лажица и откога ја наполни со мед, пред сите што се беа собрале во дворот, рече:
– Прв медот ќе го проба и ќе си ја заслади душата мојот син Блаже. Тој тоа го заслужува…
Насобраните луѓе и роднини во дворот што го следеа настанот исто така беа почестени со мед. И тие си ги засладија душите. Но кога завршија заблажувањето и честитањето, се јави дедото Коне, кој весело порача:
– Медот да знаете и да паметите отсекогаш бил лек за луѓето. Та некој од вас или од вашите најмили ако се разболи од не дај боже некоја болест, веднаш доаѓајте да ви дадеме мед за лекување.
Кога го слушнаа ова луѓето во дворот, почнаа да аплаудираат, а дедото Коне, пак, полека се наведна и силно го бакна внукот Блаже… Задоволството им беше големо и заедничко…


За авторот

Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.