Неодамна, американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба со која се забрани увоз на руски гас, нафта и јаглен, со што стана првата држава што го стори тоа. Додека запирањето на трговијата особено со рускиот природен гас може да предизвика проблеми за Европа на долг рок што го објаснува двоумењето на земји како Германија дали да го следат примерот, сепак другите држави треба помалку да се плашат кога станува збор за недостигот од нафта, како што покажува инфографикот.
Саудиска Арабија не само што беше најголемата извозничка на сурова нафта во 2020 година со пазарен удел од 17 отсто, туку има и втори по големина резерви на нафта во светот со 298 милијарди барели. На врвот е Венецуела, која може да се пофали со резерви од 304 милијарди барели, но не е позната како голем извозник. Канада беше трета во светот по големина на нафтени резерви во 2020 година, со 168 милијарди барели и десет отсто пазарен удел додека истата година оствари заработка од 48 милијарди долари од извозот што ја прави шеста најголема извозничка на нафта во светот. Секако, има и негативна страна на целосната забрана за увозот на руска нафта што значи дека ќе се зголеми зависноста на земјите што ќе увезуваат од Саудиска Арабија, Кувајт, Иран и од Ирак.
Потегот на Бајден се смета за симболичен од страна на експертите од енергетската индустрија. Американскиот увоз на сурова нафта од Русија сочинуваше само осум отсто од вкупниот увоз лани. Најновото секторско ембарго од страна на една западна држава се случи веднаш по невидениот пораст на санкциите против руски државјани и ентитети по рускиот напад на Украина.