Системот за тргување со емисии на ЕУ ги обврзува авиокомпаниите да купуваат надоместоци за секој тон јаглерод диоксид што го испуштаат, но само во блокот

Авионските компании што нудат евтини летови ги повикаа европските законодавци да го укинат ослободувањето што им овозможува на европските превозници на долги релации да избегнуваат да плаќаат за јаглеродните емисии при летовите надвор од Европа, пишува Шон Гулдинг Керол за „Еурактив“

Борба за еднаков третман во системот за тргување со јаглеродни емисии

Во заедничката изјава, „Рајанер“, „Изиџет“, „Џет2“ и „Визер“ ги критикуваа правилата на системот за тргување со емисии (ЕТС) за воздухопловството, тврдејќи дека законодавството го остава најголемиот дел од емисиите од летовите што поаѓаат од аеродромите во Европската Унија надвор од пазарот на јаглерод во блокот. Системот за тргување со емисии на ЕУ ги обврзува авиокомпаниите да купуваат надоместоци за секој тон јаглерод диоксид што го испуштаат, но се однесува само на летови во ЕУ. Емисиите на меѓународната авијација се покриени со КОРСИА на ООН, глобална шема за неутрализирање на јаглеродот, која се смета за помалку строга од пазарот на јаглерод во ЕУ. Заедничката изјава беше поддржана од невладината организација за чиста мобилност „Транспорт и животна средина“, која истакна дека е „аномалија“ тоа што има летови што поаѓаат од европските аеродроми што не се опфатени со ЕТС.

– Апсурдно е луѓето што летаат за Мадрид или за Будимпешта да треба да плаќаат даноци за јаглерод, но од тоа се ослободени патувања до Њујорк или до Сингапур, кои повеќе загадуваат – рече Вилијам Тодс, извршен директор на невладината организација.
Според бројките објавени од агенцијата за воздушен сообраќај „Еуроконтрол“, во 2020 година околу шест отсто од летовите на долги релации придонеле за околу 52 отсто од јаглеродните емисии во европската авијација.
Имајќи предвид дека повеќе од половина од емисиите се генерираат со летови од над 4.000 километри, нема оправдување да се изземат летовите на долги релации од климатските мерки – тврди извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири.
Постарите авиокомпании остро се спротивставија на предлозите да се вклучат летови на долги релации на пазарот на јаглерод на ЕУ, тврдејќи дека тоа ќе ѝ наштети на конкурентноста во европската воздухопловна индустрија и ќе го намали нивниот капацитет да инвестираат во иновативни авиони со ниска потрошувачка на јаглерод. Тие, исто така, тврдат дека политиката може да ги наведе превозниците да пренасочуваат летови и операции надвор од јурисдикцијата на зелените мерки, феномен што е познат како „истекување јаглерод“.
Овие грижи ги дели и европратеничката Хена Виркунен од централнодесничарската група ЕПП и членка на индустриските и транспортните комитети на Европскиот парламент.

– Мораме да ги откриеме најефикасните алатки за намалување на емисиите без да ја попречиме нашата конкурентност. Создавањето европски правила за светските индустрии, како што е воздухопловната индустрија, не може да доведе до преместување на воздушниот сообраќај во центри надвор од ЕУ во иднина. Со ЕТС треба да обезбедиме постепена транзиција за да ја заштитиме нашата конкурентност. На европската воздухопловна индустрија ѝ треба доволно време за да се приспособи на трансформацијата на секторот како целина – истакна Виркунен.
Сепак, загриженоста за феноменот е преценета според Јозеф Варади, извршен директор на „Визер“, кој наедно порача дека не треба слепо да се следат неоснованите тврдења за истекување јаглерод од страна на големите европски превозници.
Студијата на невладината организација „Транспорт и животна средина“, објавена во јануари, покажа дека ризикот од истекување јаглерод поради ЕТС е низок, бидејќи дополнителните трошоци за гориво, персонал и авиони поврзани со застанувања надвор од ЕУ ќе ја намалат секоја економска предност.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска