Ако Бајден сака да склучи нов договор со Иран, ќе му биде потребна соработката со Израелците, Саудијците и Емираќаните

Администрацијата на Бајден сака да го стави Блискиот Исток во втор план, но едноставно не може да игнорира некои тамошни држави, вели Стивен Кук од „Форин полиси“

Дали Вашингтон го менува центарот на својот интерес по 20 години?

Последниов период во светските медиуми се актуализира прашањето дали за администрацијата на Бајден повеќе не е толку интересен Блискиот Исток. Знаците јасно покажуваат дека владата на новиот американски претседател ќе стори сè за да не се вовлече во оската на Арапите, Израелците, Турците, Курдите и Иранците. На Џо Бајден му требаа четири недели да оствари телефонски повик со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а потоа уште една недела за телефонски да разговара со ирачкиот премиер и со саудискиот крал. Белата куќа исто така се чини дека не брза да оствари контакт со Египет, Турција, Емирати, Катар и другите држави од овој дел на светот. Советот за национална безбедност веќе направи соодветни приспособувања со тоа што го намали директоратот за Блискиот Исток, а американските извршни агенции не вработуваат нови советници за овој регион како порано. Овие промени се случуваат во заднина на постојаните дискусии во надворешната политика за „големото ривалство на големите сили“ и Кина. Ако од 2001 до 2020 година беше златата доба на аналитичарите за Блискиот Исток, сега е јасно дека Вашингтон влегува во ерата на кинеската експертиза. Во таа насока дел од предизвикот е да се изгради нов пристап за регионот, во кој ќе се одреди кои се тамошните интереси на САД.

Саудиска Арабија и Иран

Саудиска Арабија е важен играч токму затоа што е на маргините. За време на претседателската кампања, Бајден упати тешки зборови кон Саудијците. Голем дел од Вашингтон беше кренат на нозе против нив по убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година. Будно се следеа и блокадата на Катар и малтретирањето на саудиските активисти. Сите овие настани сега имаат неочекувани последици за крунисаниот принц Мохамед бин Салман. Белата куќа соопшти дека нема да преговара со него, ја стопираше испораката на оружје за Саудијците што може да се користи во војната во Јемен и објави извештај на американските разузнавачки служби за деталите околу убиството на Кашоги. Во исто време Иран е актуелен од многу одамна, а администрацијата на Бајден смета дека преку дипломатијата најдобро може да се ограничи иранскиот нуклеарен развој. Општиот став во Вашингтон е дека во иранската нуклеарна програма немало да се постигне напредок ако поранешниот претседател Доналд Трамп не се повлечеше од Заедничкиот сеопфатен план за акција. Се чини дека Иран нема лесно да се откаже од своите ракети или намерите, а во секој случај вниманието ќе биде свртено кон него, особено со скорашните американски напади во Сирија, чија цел беа токму Иранците.

Израел

Израел отсекогаш бил важен играч, затоа што американската надворешна политика на Блискот Исток одамна се засноваше значително на гарантирање на безбедноста на Израел. Постојат политички, историски, морални и стратегиски причини за блиските врски меѓу двете земји. Иако аналитичарите, активистите и некои политичари се покритички настроени кон „посебната врска“, Израелците сепак остануваат важен играч за САД.

Обединети Арапски Емирати (ОАЕ)

Обединетите Арапски Емирати се важни токму затоа што не се Саудиска Арабија. Државата студиозно се оддалечи на разни начини од Саудијците и од Мохамед бин Салман. Абу Даби ја повлече војската од Јемен и речиси никаде не може да се забележи дали навистина ја поддржува Саудиска Арабија што не секогаш му оди во полза, но барем повеќе не е директно изложен на линијата на огнот во Вашингтон, кој сака да ги казни Саудијците. Прогресивното крило на демократите во САД не ги сака многу ОАЕ, но факт е дека се важен безбедносен партнер на Америка.

Турција

Турција исто така не е интересна. Турската влада порано имаше многу пријатели во Вашингтон, иако сега тој број се намали, покрај скапо платените лобисти. Раниот чекор на администрацијата на Бајден покажува дека Анкара нема толку лесно да помине во Белата куќа, а портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, веќе ги обвини Турците за повеќе прашања, меѓу кои за кршење на правата на ЛГБТИ-квир заедницата, како и притворањето на бизнисменот и филантроп Осман Кавала. Од друга страна, Турција е членка на НАТО, но не е јасно дали и во иднина ќе биде надвор од играта.

Ирак, Сирија, Палестина и Катар

Ирак и натаму останува надвор од игра и покрај неодамнешниот телефонски разговор на Бајден и ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими. Никој во Вашингтон не сака да инвестира во поправање на ирачките политики, па така државата ќе биде препуштена сама на себе. Сирија не е интересна бидејќи никој не знае како да постапи со неа. Палестинците се актуелни, токму затоа што отсекогаш биле надвор од играта. Администрацијата на Бајден ги обнови односите со нив, но дипломатите ќе продолжат со бесконечните дискусии околу решението за двете држави што никогаш нема да се постигне. Катар е актуелен поради воздушната база „Ал удеид“, иако можната поврзаност на Доха со одредени исламистички групи во регионот може да ги наруши односите со Вашингтон.